Премиерот вели дека синдикалната потрошувачка кошничка сега може да се покрие со две минимални плати, за разлика од пред пет години кога за тоа беа потребни 4,25 плати
Пред пет години беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка, а денес тоа може да се направи со две минимални плати, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, поскапувањата на храната и енергентите се резултат на дисбалансот што го предизвика руско-украинската криза.
Земјава, сепак, како што напомена премиерот, има најниски цени и на енергентите и на храната во однос на другите држави во регионот.
„Кога зборуваме за синдикалната кошничка, би се вратил малку назад. Имавме синдикална потрошувачка кошничка која беше скоро 36 000 денари, а пред пет години минималната плата беше 9 000 денари. Тогаш беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една потрошувачка кошничка, а сега првпат во историјата на државата, со новата Одлука за зголемување на минималната плата на 18 000 денари за сите работници, со две минимални плати се покрива синдикалната потрошувачка кошничка. Точно е дека има зголемени трошоци и на храната и на енергенсите, но тоа е резултат на најголемата криза што ја памети Европа во поново време. Руско-украинскиот конфликт направи комплетен дисбаланс во снабдувањето и во цените на прехранбените производи, на енергенсите, полуфабрикатите и суровините кои се тргуваат на ниво на Европа“,
нагласи премиерот одговарајќи на новинарски прашања по средбата со членовите на Сојузот на здруженијата на пензионери.