Во фаза сме на пристапување кон Центарот за извонредност, за сајбер-безбедност кој е практично дел од НАТО, меѓутоа е сместен во Естонија. Многу наскоро ќе ја видиме и Северна Македонија, односно експертите од нашата држава коишто ќе бидат присутни во однос на унапредувањето на сајбер безбедноста на нашите институции, изјави Ковачевски
Северна Македонија е една од државите во регионот на Балканот, меѓутоа и во југоисточна Европа, која располага со една од најразвиените телекомуникациски мрежи која е целосно дигитализирана и држава којашто има најголема покриеност во однос на 5Г-технологијата во моментов, изјави премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на билатералната средба со естонската премиерка Каја Калас во рамки на Талинскиот дигитален самит 2023.
„Тоа е одлична основа за развој на дигитални алатки меѓутоа и за развој на голем број на владини услуги коишто ќе бидат дигитализирани и на кои работиме преку планот кој го спроведува Владата на Република Северна Македонија. Дополнително имав состанок и со генералната секретарка на Светската телекомуникациска унија г-ѓа Богдан-Мартин, на којашто беше истакната нашата одлична соработка уште од осамостојувањето на Северна Македонија. Исто така, таа го истакна фактот што нашите стручни лица, инженерите во делот на телекомуникациите, меѓутоа и на ИТ-технологиите се високо ценети од страна на Светската телекомуникациска унија и исто така разговаравме за зголемување и продлабочување на соработката во однос на решенијата коишто можат да помогнат во забрзувањето на дигитализацијата на нашите јавни услуги“,
вели Ковачевски во видеопораката испратена по средбата со естонската колешка.
Средбата со Калас тој ја оцени како пријателска и истакна дека Естонија е една од најпријателските држави на Северна Македонија во делот на поддршката за проширување на ЕУ со нови земји членки.
„Разговаравме за билатерални, но и за мултилатерални прашања бидејќи со Естонија сме држави кои се членки на НАТО. Разговаравме за поддршката која и едната и другата држава ја даваме на Украина во нивната борба за демократија и територијален интегритет, после неоправданата инвазија од страна на Русија“,
посочува Ковачевски во пораката.
Тој и Калас разговарале и за соработката во делот на дигитализацијата на Северна Македонија во голем број на аспекти, со оглед на тоа што Естонија е една од најразвиените држави во делот на дигитализацијата.
„Секако дека тоа се однесува на голем број на проекти кои се водени кај нас, меѓутоа и оние кои ќе следуваат особено воведувањето на електронска лична карта за граѓаните на Северна Македонија, проект кој е во моментов започнат преку акциски план во МВР и соодветни други институции во државата. Во фаза сме на пристапување кон Центарот за извонредност, за сајбер-безбедност кој е практично дел од НАТО меѓутоа е сместен во Естонија. Многу наскоро ќе ја видиме и Северна Македонија, односно експертите од нашата држава коишто ќе бидат присутни во однос на унапредувањето на сајбер-безбедноста на нашите институции“,
додава Ковачески.