Пред влегувањето во Европската Унија, има уставни измени со кои се даваат дел од надлежностите на Европската Унија, како што тоа го направила секоја држава. И ова не е последното двотретинско гласање на патот кон ЕУ, пред нас имаме врз основа на скрининг-извештатите кои ќе ги добиеме реформа на правосудството, за тоа треба две третини, реформа на обвинителството, за тоа се потребни две третини, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата и затоа велам дека овој процес не смее да биде заложник на еден човек ниту, пак, ова е процес на еден човек, една партија или една влада. Ова е процес во кој треба сите да учествуваат, порача денеска Ковачевски
За премиерот Димитар Ковачевски било очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои нема да учествуваат во работната група на Министерството за правда која треба да ги подготви амандманите за уставните измени кои се услов за отворање на преговарачките поглавја во пристапниот процес за членство на С Македонија во Европската Унија.

За потсетување, рокот за номинирање на претставници во работната група од страна на политичките партии истекува ноќеска на полноќ, а досега свои членови номинираа само партиите од владејачкото мнозинство. Опозициските партии на чело со најголемата, ВМРО-ДПМНЕ, цврсто останаа на ставот дека нема да учествуваат во работната група ниту, пак, ќе го поддржат процесот на измените на Уставот со кој бугарската заедница во земјава треба да биде вметната во Преамбулата на највисокиот правен акт на државата.
Премиерот овој момент го анализираше сецирајќи го политичкото ткиво во земјава на два концепти – првиот кој го сочинуваат партии кои се за членство на земјата во НАТО и ЕУ и вториот чиј дел се партии кои се против овие стратешки определби на државата.
„Уставните измени се нешто што е обврска на нашата држава во делот на пристапување во Европската Унија и за мене беше очекувано кои партии ќе учествуваат, а кои партии нема да учествуваат во работната група формирана во Министерството за правда. Зошто? Затоа што ние во државата имаме два концепта. Едниот концепт се политички партии кои поддржуваат Северна Македонија членка на НАТО и на Европската Унија и имаме втора група политички партии предводени од Левица и нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, а јас ова го кажав во септември минатата година кои се против членството на земјава во НАТО и во Европската Унија и тоа во историјата се потврдило. Опозицијата не гласаше ниту една од одлуките за НАТО. Тие не гласаа ниту за Договорот за Фронтекс каде што првпат јазикот македонски е дел од договор во кој се наведени сите други јазици на земјите-членки на Европската Унија“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање околу смислата на функционирањето на работната група ако во неа учествуваат само претставници на партии од власта, но, не и од опозицијата.
Зачленувањето на С Македонија во ЕУ, порача Ковачевски не може и не смее да биде заложник на кариерата на еден човек, кого не го именуваше, но според распоредот на силите првата алузија упатува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Сепак, ако се земе предвид дека претходно премиерот ја повтори оценката дека ВМРО-ДПМНЕ е заложник на Левица, тогаш можно е Ковачевски да алудира и на лидерот на оваа партија Димитар Апасиев.
„Една работа мора да се истакне – подобрувањето на животниот стандард, воведувањето на демократски институции на повисоко ниво, зачленувањето во Европската унија не можат да бидат заложник на кариерата на еден човек туку тие се обврска на сите пратеници во Собранието да носат одлуки кои што ќе обезбедат иднина на сегашните и идните генерации, за тоа мислам дека денес ќе ги објави кои се членови номинирани во комисијата за подготовка на амандманите во Министерството за правда“,
рече премиерот Ковачевски.
Тој даде редослед како ќе тече натамошниот процес откако ќе бидат готови амандманите за уставните измени.
„Потоа, откако ќе бидат направени амандманите, тие ќе бидат дадени на јавна расправа, пред академската заедница, пред невладините организации, бизнис-заедницата, медиумите да се запознаат граѓаните и потоа ќе започне парламентарната процедура во Собранието каде што постои Уставна комисија која ја предводи претседател на Собрание и која потоа оди низ процедурите кои важат за било која уставна измена“,
рече премиерот.
Сепак, она што го потенцираше премиерот, е дека овие уставни измени нема да бидат и последни до зачленувањето на земјава во Европската Унија, како и последно гласање за кое е потребно двотретинско мнозинство.
„Пред влегувањето во Европската Унија има уставни измени со кога се даваат дел од надлежностите на Европската Унија, како што тоа го направила секоја држава. И ова не е последното двотретинско гласање на патот кон ЕУ, пред нас имаме врз основа на скрининг-извештатите кои ќе ги добиеме реформа на правосудството, за тоа треба две третини, реформа на обвинителството за тоа се потребни две третини, реформа на јавната администрација, реформа на децентрализацијата и затоа велам овој процес не смее да биде заложник на еден човек, ниту пак процесот е процес на еден човек, една партија или една влада. Ова е процес во кој треба сите да учествуваат“,
порача Ковачевски.
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за измени на Уставот. Оттаму велат дека сè додека не заврши рокот, кој истекува вечерва на полноќ, нема да соопштуваат имиња.
Според последните информации, работната група треба да има меѓу шест и осум експерти.
Во досегашниот тек на денот свои претставници во работната група предложија:
- Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) – Цветанка Иванова
- Демократската унија за интеграција (ДУИ) – Арбер Адеми
- Алијанса за Албанците – Ремзи Мехмеди
ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократскиот сојуз, пак, соопштија дека нема да номинираат свои претставници.
Покрај од партиите, Правда побара предлози и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Од нив досега е познато само дека од кабинетот на Пендаровски е номиниран професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е правен советник на претседателот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Министерството за правда утре ќе го соопшти составот на работната група за уставни измени
ДУИ го предложи пратеникот Арбер Адеми за член на работната група за уставните измени