Република Северна Македонија, пишува Ковачевски, денес е членка на НАТО, со цврсто втемелен и меѓународно признат македонски јазик и култура, која цврсто чекори со визијата што поскоро да стане дел од европското семејство на народи, каде и припаѓа
Денеска одбележуваме 22 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој донесе мир и со кој се овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук-профил.
„Северна Македонија е држава пример за функционална, одржлива мултиетничка демократија, којашто практикува европски вредности. Ние сме општество кое гарантира еднакви права и обврски за сите етнички заедници, за сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници кои оваа земја ја сметаат за свој дом. Дом кој ќе продолжиме да го градиме во духот на меѓусебна грижа и посветеност. Нашата татковина е Европа во мало, а почитувањето на различностите е нашата предност, на што сме особено горди“,
објави Ковачевски.
Република Северна Македонија, пишува Ковачевски, денес е членка на НАТО, со цврсто втемелен и меѓународно признат македонски јазик и култура, која цврсто чекори со визијата што поскоро да стане дел од европското семејство на народи, каде и припаѓа.
Пред дваесет и две години на денешен ден е потпишан Рамковниот договор, со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.