Тоа се граѓаните што штедат енергија, односно трошат помалку, имаат помали примања, живеат во помали објекти и за нив Владата бара начин да нема зголемување, туку можно е да има одреден процент на намалување на сметката за електрична енергија, за сметка, пак, на четвртиот блок, оние најголемите потрошувачи, кои трошат најмногу енергија, кои користат поголеми капацитети за загревање, тука ќе има поголемо зголемување, вели Ковачевски

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека се прават напори одредена категорија на потрошувачи да плаќаат пониска цена за електрична енергија.
„Она што во изминатиот период го кажуваа и претставници на Владата и претседателот на Регулаторната комисија, но и ние како компанија, наша заложба е да нема значително зголемување на цената на струјата, иако трендот на зголемување на цените на енергенсите, на електричната енергија, на производството и на берзанските цени укажува дека треба да има значително зголемување на цените“,
рече Ковачевски на денешната прес-конференција.
Но, она што го правиме во овој период, додаде тој, е да нема зголемување на цените, туку можно е да има одредено намалување кај првиот и вториот блок.
„Тоа се граѓаните што штедат енергија, односно трошат помалку, имаат помали примања, живеат во помали објекти и за нив Владата бара начин да нема зголемување, туку можно е да има одреден процент на намалување на сметката за електрична енергија, за сметка, пак, на четвртиот блок, оние најголемите потрошувачи, кои трошат најмногу енергија, кои користат поголеми капацитети за загревање, тука ќе има поголемо зголемување“,
додаде Ковачевски.
Мора да се направи некој баланс, односно да има социјална правда, тие што имаат помали примања да плаќаат помали сметки, тие што си дозволуваат поголем луксуз, односно поголема потрошувачка на електрична енергија да плаќаат повеќе, рече тој.
Исто така, додаде директорот на ЕСМ, Владата прави напор во делот на малите потрошувачи да има намалување на цената на електрична енергија, тоа се оние 65 000 субјекти кои се на регулираниот пазар и ја користат таа цена.
„Имаме информација дека во изминатиот период околу 7 000 правни субјекти ги прекинале своите дејности и тука треба да се стави фокусот, да ѝ се помогне на таа категорија потрошувачи и тука ќе има значително намалување на цената на електричната енергија“,
нагласи Ковачевски.
Тој додаде дека ЕСМ заедно со Владата прави пресметки цената што ЕСМ ќе ѝ ја дава на „ЕВН хоум“, Електродистрибуција и МЕПСО, сите три заедно да не предизвикуваат зголемување на цените, односно да има дури и намалување на цената за крајните потрошувачи.
„Ние не доставуваме цена. Ние доставуваме табела од сегашната цена од 48 евра, па нагоре, а Владата на затворена седница одлучува која цена ќе биде препорачана и таа во затворен плик се доставува на денот на тендерот на ‘ЕВН хоум’“,
објасни Ковачевски.