Во однос на евентуалното покачување на цената на струјата по Нова година, Ковачевски кажа дека дури и да се случи покачувањето ќе биде минимално, а дека доколку го има, тоа меѓу другото ќе зависи од берзантските цени на мазутот
Првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски денеска најави дека до крајот на неделава ќе заврши ремонтот на Блокот 1 во РЕК „Битола“, а до крајот на месецот се очекува да стигне и трансформаторот за Блокот 3, со што од почетокот на ноември ќе може да бидат ставени во функција трите блока на РЕК „Битола“.
При денешната посета на рудникот „Суводол“, Ковачевски нагласи дека од новиот коп на рудникот во моментов се произведуваат и се транспортираат 15 илјади тони јаглен до РЕК „Битола“. За секој од блоковите на Комбинатот, додаде тој, дневно се потребни по 6 000 јаглен за производство на електрична енергија, односно околу 18 илјади тони доколку би работеле сите три блока.

Во однос на евентуалното покачување на цената на струјата по Нова година, Ковачевски кажа дека дури и да се случи, покачувањето ќе биде минимално.
Производната цена на РЕК „Битола“, вели Ковачевски, е намалена на околу 58 до 60 евра за мегават час произведена електрична енергија, а тоа, според него, е поради направените вложувања во изминатиот период во сопствена опрема и работата на рудниците на ЕСМ, со рационализација и операционализација на трошоците.
„Сепак, цената на електричната енергија што ја нуди ЕСМ не зависи само од РЕК ‘Битола’, туку и од другите наши капацитети од кои дел работат на мазут. Па затоа колкаво ќе биде поскапувањето на струјата, доколку го има, ќе зависи од цените на берзите на мазутот, но и на природниот гас што ќе биде неопходен ако во системот се вклучи да работи ТЕ-ТО“,
рече Ковачевски при денешната посета на рудникот „Суводол“.
Ковачевски истакна дека по воведувањето на блок-тарифите има намалена побарувачка на електрична енергија, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ во своите планови бара помалку од 15 до 17 отсто енергија од АД ЕСМ.
Според него, тоа позитивно ќе влијае за намалување на цената на електричната енергија, а дополнително на тоа позитивно ќе влијаат и најавите од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дека ќе бидат воведени блок-тарифи и за малите потрошувачи со цел и тие да се стимулираат да штедат енергија.