По тешкиот изборен пораз на осми мај на парламентарните и претседателските избори, СДСМ денеска го одржува 29 Конгрес на кој челниците на партијата треба да дадат отчет за изборните резултати
Пред започнувањето на 29 Конгрес на партијата, претседателот во заминување Димитар Ковачевски рече дека делегатите треба да се изјаснат за доверба во органите на партијата кои се избрани, но и дека на денешниот Конгрес на маса ќе се најдат сите прашања поврзани со изборите и за поразот, како и за работењето и функционирањето на партијата во изминатите четири години.

Тој очекува сѐ да помине во најдобар ред и СДСМ да излезе посилен и обединет во процесот на финализирање на изборот на нов претседател и на новото раководство.
„Она што имав да го кажам, го кажав и на 8 мај и на денот кога официјално се повлеков од функцијата претседател на СДСМ, на 22 мај. Очекувам отворена дебата и да се разговара конструктивно и отворено за сите прашања коишто влијаеа на изборниот резултат на овие избори, но и на изборите во 2021 година, бидејќи тогаш не беше одржан отчетен Конгрес. Делегатите ќе имаат за што да разговараат“,
кажа Ковачевски.
Ковачевски, по изборниот пораз, на седница на партискиот Извршен одбор, што се одржа на 22 мај, официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
„Ковачевски го потврди повлекувањето на седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на партијата, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати“,
информираа тогаш од СДСМ.
Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни, а кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.