Точно е дека во јуни ќе се одржи Самит на ЕУ, меѓутоа ние не се врзуваме со датуми со оглед дека ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави, вели премиерот
Во моментов немаме усогласен документ за решение на спорот со Бугарија, за датуми во однос на почеток на преговорите со ЕУ не се врзуваме, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали има некаков оптимизам за придвижување на работите до јуни, кога инаку треба да се одржи и Самит на ЕУ за Западен Балкан.
„Ние тие преговори (со Бугарија) ги водиме на принципиелна основа односно врз основа на европски вредности и достоинство што неколку пати сум го кажал досега. Во овој момент Министерствата за надворешни работи како и досега комуницираат помеѓу себе, тие немаат усогласено документ кој може да биде основа за носење на одлуки во двете држави. Што се однесува до јуни како некој датум, точно е дека тогаш ќе се одржи Самит на ЕУ, меѓутоа ние не се врзуваме со датуми со оглед дека ни треба решение кое ќе биде прифатено во двете држави, за кое ќе постои консензус бидејќи треба да претставува основа за градење на односите помеѓу двете држави во иднина како меѓу себе, така еден ден и во рамки на ЕУ“,
изјави Ковачевски.
Изјавата на премиерот доаѓа откако пред два дена беше на неформална вечера во Брисел заедно со другите лидери на државите од Западен Балкан и со потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел.
Ковачевски вели дека таму се разговарало поединечно и за статусот на секоја држава и тие како претставници на овие земји можеле да ги изнесат нивните ставови, а со Борел кажа дека разговарале и за преговорите што ги водиме со Бугарија, но повеќе детали не спомена.
Премиерот имал средби и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, и посебниот претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.
Покрај за евроинтеграциите на земјите од регионот, во Брисел, како што рече, се разговарало и за краткорочните и среднорочните ефекти од војната во Украина, за справувањето со предизвиците од енергетската криза, како и за финансирање на дефицитите во услови на економска криза.