Не треба да има предвремени парламентарни избори, ние во моментов имаме Влада која се грижи за националните интереси, за достоинството на сите граѓани без оглед на тоа од која етничка, верска и национална припадност доаѓаат, истакна премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница за пратенички прашања. Според Ковачевски сите граѓани без оглед на нивната припадност се борат за својот национален, етнички, верски идентитет , а овој пат тој ја имал честа да го брани идентитетот пред други.
„Тоа се потврди минатата недела кога на принципиелен начин ние ги искажавме нашите ставови пред сите наши партнери во ЕУ и пошироко. Меѓутоа, тоа не може да биде еднакво на однесувањето на опозицијата на Конгресот на Европските народните партии кога беше донесена резолуција во која се вградени барањата во однос на негирање на националниот и историскиот континуитет на Македонците и на тоа носењето на таа резолуција присуствуваше делегација на највисоко ниво на вашата партија. Никаде не видовме ниту прес-конференција во која сте се спротивставиле, ниту видовме записник, ниту говор, ниту нешто дека сте направиле против тоа. Лесно е некој да брани национални интереси дома, но кога треба да се бранат националните интереси пред 27 земји, тогаш очигледно на некого му е тешко, а некој тоа мора да го направи како што јас, претседателот на државата и коалициските партнери го направивме,“
изјави Ковачевски.
Одговорот на Ковачевски следуваше по прашање поставено од пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој праша дали премиерот смета дека е време за оставка и предвремени избори.
„Македонија се соочува со континуирана национална катастрофа години наназад, не само неколку месеци, директно негирање на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, култура, историја, традиција, македонскиот народ. Македонија како што сите знаеме направи болен компромис и го промени името на државата, преку промена на Уставот, како тоа да не беше доволно, паралелно ни се случува економски пустош, инфлацијата галопира, на основните производи некаде е и над 100 проценти, електричната енергија континуирано поскапува, граѓаните во овие денови се во исчекување на ново поскапување на електричната енергија, која што за домаќинствата веројатно ќе достигне и до 130 проценти, а за компаниите веќе сите добро знаат дека е над 500 проценти… дали мислите дека во Македонија се живее добро и дали не мислите дека е време за оставка и предвремени парламентарни избори,“
праша Николоски.