Премиерот ова го изјави коментирајќи ги најавените измени на Законот за рестриктивни мерки со кои американската „црна листа“ практично ќе стане основа за санкции и во земјава. Говорејќи за законските измени, кои вчера ги најави министерот Бујар Османи, Ковачевски рече дека ова е и барање на меѓународната заедница, со оглед на тоа што земјава е дел од НАТО
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека со носењето на законските измени со кои американската „црна листа“ ќе стане основа за санкции и во земјава, се исполнува еден од стандардите на НАТО. Говорејќи за измените на Законот за рестриктивни мерки, кои вчера ги најави министерот Бујар Османи, премиерот рече дека ова е и барање на меѓународната заедница, со оглед на тоа што земјава е дел од НАТО.
„НАТО не е само да ставите знаме и да велите дека сте земја членка на НАТО, туку има и стандарди коишто треба да се исполнат. Ние во голем дел на институциите веќе ги исполнуваме стандардите, а еден од стандардите ќе биде овој“,
изјави Ковачевски.
Измените на Законот за рестриктивни мерки, како што рече Ковачевски, ќе овозможат истите лица кои што се цел на санкции на САД и на Обединетото Кралство да бидат процесирани во земјава, да бидат обезбедувани докази од државите коишто го направиле санкционирањето согласно нивните закони и докази кои ги имаат.
„Законските измени треба да направат практично транспонирање на нешто што го имавме, а се однесуваше на ентитети коишто се санкционирани согласно со ОН, ЕУ и сега тоа ќе се прошири и на САД и на Обединетото Кралство бидејќи се однесува на ентитети коишто се санкционирани согласно со нивното законодавство“,
рече Ковачевски.
Не може, оцени премиерот, некој во земјава наутро да се фали дека е најдобар другар со САД, а попладне да прави сè спротивно на нив.
Предложените измени на Законот за рестриктивни мерки, според кои рестрикциите на САД и Обединетото Кралство ќе бидат основа и за санкции во земјава се на иницијатива на Министерството за надворешни работи. Целта на законските измени, како што најави министерот Бујар Османи, е проширување на опфатот на рестриктивните мерки и на инструментите кои државата ги има на располагање во оваа насока.