Според опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, одлуките во Владата ги носат ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети, а како што кажа, еден од одлучувачкиот фактор се парите што се делат од тендерите во четири очи
Ковачевски не е факторот кој одлучува дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, туку ДУИ, изјави денеска претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прашан дали е возможно да има предвремени избори бидејќи премиерот вели дека тие би биле редовни.
„Ковачевски не е човекот којшто одлучува. Таму одлучуваат два фактори. Таму одлучува ДУИ и ДУИ е свесен и Али Ахмети дека тој никогаш нема да биде во подобра позиција од оваа сега, најсреќен во оваа позиција е ДУИ и Али Ахмети. И вториот фактор се парите што се делат од тендерите во четири очи, таму нема стратегија, нема политичка мудрост нема визија, таму фактор е ДУИ и парите што се делат“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе има сериозна намера да се зафати со пресметка на криминалците во политиката, а тие, како што вели Мицкоски, во оваа влада ги има многу.
Според опозицискиот лидер, предвремените избори треба да се случат во првиот возможен термин, а како добар период за нивно одржување, Мицкоски ја посочи идната пролет.
„Колку подолго остане оваа влада на ДУИ и СДСМ толку повеќе ќе губи Македонија и толку помалку ќе не има во Македонија, а сите буквално сите сакаат да направат штета на Македонија и на македонскиот народ. Буквално сите партии во Македонија се организирани најпрвин преку ВМРО-ДПМНЕ да направат штета врз македонскиот народ а потоа и врз Македонија. Затоа мора час поскоро да се случат тие предвремени парламентарни избори за да престане Македонија да губи и да престане егзодусот на Македонците од Македонија“,
нагласи Мицкоски.
Премиерот Ковачевски вчера изјави дека не отстапува од својот став и дециден е дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Тој изјави дека е убеден оти во 2024 година повторно ќе има Влада која што исто така ќе биде предводена од СДСМ и коалициски партнери кои се за продолжување на европскиот пат на државата и зачленување до 2030 година во ЕУ.