Новиот лидер на СДСМ рече дека ќе се залага за единство во партијата и дека нема да отстапи од патот кој го зацртал неговиот претходник, Зоран Заев
Новиот претседател на владејачкиот СДСМ, Димитар Ковачевски, во вечерашното обраќање, по прогласот за неговата победа, ги повика сопартијците уште од утре „да ги засукаат ракавите“. Тој вели дека сите што се подготвени на посветено и чесно работење, во интерес на граѓаните, ги смета за дел од неговиот тим.
„Вечерва СДСМ одржа лекција за демократија. Вечерва може сите да славиме за успешно спроведените избори, но, од утре, мора да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Наша е одговорноста за сè што ќе се случува со партијата, но и во државата во годините што следат. Секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда, државата оди напред. Затоа ни треба силен и обединет Социјалдемократски сојуз. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството и граѓаните со право очекуваат од нас да работиме заедно, одговорно и посветено“,
рече Ковачевски.
Тој кажа дека нема да отстапи од патот кој го зацртал неговиот претходник, Зоран Заев.
„Заев го консолидираше СДСМ во многу тешки услови, заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски, ги врати слободата и демократијата, воспостави едно општество на сите, ја внесе државата во НАТО и ја донесе пред портите на преговори со ЕУ. Тој ни остави аманет да го продолжиме патот на демократскиот развој и грижа за сите. Ние од тој пат нема да отстапиме“,
рече Ковачевски.
Наследникот на Заев кажа дека неговата програма се заснова на три клучни принципи: враќање на единството во партијата, продолжување на социјалдемократските вредности и врз основа на нив градење на државните политики, како и давање фер шанса на сите кои поседуваат професионален капацитет.
Ковачевски освои убедливо мнозинство гласови на денешните внатрепартиски избори во СДСМ. Од вкупно 44 406 членови што излегле на гласање, за него заокружиле 37 649. Фросина Ременски, која е поранешна потпретседателка на партијата, освои 2 836, а за Јован Деспотовски, актуелниот в.д директор на Дирекцијата ТИРЗ, гласале 3 319 сопартијци. Неважечки биле 602 ливчиња.
Деспотовски им се заблагодари на сите членови на СДСМ кои излегле на гласање и најави дека ќе продолжи да дава придонес во партијата како обичен член.
Ременски пак, денеска изрази незадоволство од излезноста на гласањето и кажа дека тоа е сериозно прашање за внатрепартиска дискусија. Сепак, по официјалното прогласување на Ковачевски за победник, таа упати честитки до него и повика на обединувањето и почитување на социјалдемократските вредности.
Инаку, Димитар Ковачевски е и актуелен заменик-министер за финансии. На премиерот Зоран Заев му беше фаворит за негов наследник. Новиот лидер на СДСМ, а веројатно и премиер, има долгогодишен стаж во партијата.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски е пиун на Заев