Премиерот Ковачевски, при обиколка на маркетот, испазари млеко, леб, макарони. Откако со Бектеши ги разгледа цените, тој купи две пакетчиња макарони, сирење и урда. За целата сметка плати 328 денари. По излегувањето од маркетот, Ковачевски рече: „Намалени се цените“
Согласно анализите што се прават, ќе се креираат новите мерки што ќе следуваат најверојатно од април. Мерките ќе бидат насочени и кон стопанството за тие сектори што ќе покажат општествена одговорност, но и директно кон граѓаните, вели Бектеши
Премиерот Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски беше во посета на маркет во Скопје за да се уверат дали има намалување на цените на тестенините, млекото и млечните производи.
Премиерот Ковачевски, при обиколка на маркетот, се задржа кај млекото, лебот, макароните. Откако со Бектеши ги разгледа цените, тој купи две пакетчиња макарони, сирење и урда. За целата сметка плати 328 денари. По излегувањето од маркетот, Ковачевски рече: „Намалени се цените“.
„Денеска можевме сите да се увериме дека ова намалување на цените се почитува од страна на производителите и трговците. Ова сметаме дека ќе придонесе за олеснување на семејниот буџет на граѓаните“,
рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека оди во обиколка на маркетите за лично да се увери дали се почитуваат одлуките, колку за тоа имаат слух производителите и трговците и дали се штити интересот на граѓаните.
„Нема да дозволиме неоправдано покачување на цените и нарушување на пазарот, а со тоа и загрозување на стандардот на граѓаните поради нечии лични интереси“,
додаде тој.
Директорот на ДПИ, Горан Трајковски, рече дека пазарните инспектори од утринава се на терен и досега не се забележани нерегуларности кај цените на тестенините и млекото и млечните производи.
„Намалување на цените има. Но, доколку во текот на денот инспекторите утврдат дека некаде одлуката не се почитува, тогаш како Државен пазарен инспекторат ќе ги објавиме тие субјекти“,
рече тој.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи оти и понатаму планираат да ги поддржуваат компаниите што ќе покажат општествена одговорност и кои ќе ги приспособат цените.
„Министерството за економија на дневна основа ги следи сите случувања во делот на цените во државата, особено за основните прехранбени производи. Ги повикувам стопанствениците, увозниците, производителите да направат големи напори да покажат општествена одговорност и сами да ги намалат производите имајќи го предвид трендот на намалување на суровините и на светските берзи, но и согласно намалувањето на цените на енергенсите како мерки кои ги носи Владата“,
рече Бектеши.
Тој додаде дека до крајот на наредната недела ќе подготват информација која ќе ја достават до премиерот и ќе биде со детална анализа за речиси секој производ.
„Согласно тие анализи, ќе се креираат новите мерки што ќе следуваат најверојатно од април. Мерките ќе бидат насочени и кон стопанството за тие сектори што ќе покажат општествена одговорност, но и директно кон граѓаните. Да покажеме солидарност. Ние ќе се откажеме од давачки, компаниите ќе се откажат од профити, а секако дека најмалку погодени треба да бидат граѓаните“,
нагласи министерот.
За тоа какви антикризни мерки ќе има за стопанството и за кого ќе се однесува, Бектеши вели дека има разлика од сектор до сектор.
„Денеска се уверивме дека млечната индустрија целосно ги почитуваше мерките и такви општествено одговорно компании секако дека треба да бидат поддржани од страна на Владата, да се одржи и зголеми нивната конкурентност не само во нашата држава туку и во регионот“,
додаде тој.
На прашањето дали има поголемо намалување од 10 отсто кај млечните производи, Бектеши рече оти е убеден дека ќе има компании кои ќе ги намалат цените и повеќе од 10 отсто. Тој повтори дека цените се следат на дневна основа и ако се утврди дека има дополнителен простор за намалување секако дека производителите и трговците ќе бидат повикани на состанок, ќе се разговара и ќе се донесат соодветните одлуки.
За проширување на листата на производи со замрзнати цени, Бектеши рече дека до утре ќе ги имаат анализите и согласно податоците што ќе произлезат од тие анализи на почетокот на наредната недела ќе се донесат одлуки ако има простор да се донесат мерки и одлуки и за други производи како шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз.