Премиерот Димитар Ковачевски вели дека намалувањето на ДДВ-то нема да има големо влијание на цената на струјата бидејќи, како што рече, таа на слободниот пазар чини над 1000 евра.
„Ако треба ќе се намалува повторно, но тоа не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, кога знаеме дека таа е над 1000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците со електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на Регулаторната комисија, да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електричната енергија“,
рече Ковачевски.
Најави дека прашањето за електричната енергија веќе е разгледувано на Економскиот совет и што пресметките бидат готови, владата ќе интервнери. Според Ковачевски, клучно е да се штеди електричната енергија секаде каде што е можно.
„Се наоѓаме во период кога цените на електричната енергија се највисоки и се повисоки од која било економска логика, зборувам за целиот европски континент, а она што го имаат како задача сите ресори во Владата и компаниите кои што се во државна сопственост, тоа ќе мора да го испорачаат со цел да имаме непречено снабдување со електрична енергија“,
изјави Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на системот за наводнување „Славишко поле“ во општина Ранковце.