Премиерот Димитар Ковачевски денеска од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање рече дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман доколку постои можност да се амнестираат осудени лица од убиството кај Смилковското Езеро

Доколку постои можност со законот за амнестија да се амнестираат осудени лица од убиството кај Смилковско Езеро, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Ова беше одговорот на премиерот Димитар Ковачевски на денешната собраниска седница за пратенички прашања.
„Штом законот влезе во собраниска процедура, доколку има такви случаи кои ги наведувате, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија“,
рече Ковачевски.
Одговорот на Ковачевски дојде откако пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ го праша премиерот дали како родител е подготвен да ги амнестира помагателите во убиството кај Смилковското Езеро.
„Во вашиот предложен закон за амнестија господине Ковачевски деликтите како тешка телесна повреда, загрозување со опасно орудије при тепачка, противправно лишување од слобода, мачење или друго сурово нечовечко или понижувачко постапување, грабнување, малтретирање во вршење на службата, згрозување на сигурноста, повреда на угледот на Република Македонија, излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, запуштање и малтретирање на малолетно лице, неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекусори, овозможување на употреба на наркотични дроги, тешки дела против здравјето на луѓето, кражба, кражба на електрична енергија, топлинска енергија или гас, тешка кражба, измама, бесправно градење, оштетување или повластување на доверители, изнуда, уцена, лихварство, перење пари, фалсификување пари и други преноси од казниво дело, даночно затајување се делата кои ќе бидат амнестирани доколку вашиот закон во Собранието помине“,
истакна Стојаноски.
Тој додаде дека има еден загрижувачки дел од овој закон каде се амнестираат оние кои се воени повратници кои војувале во други држави како оние од ИСИС и една вознемирувачка информација која не може да го остави рамнодушен, а тоа е дека со овој закон ќе се амнестираат и ќе бидат на слобода две лица за помагање на тешкото и мачно грозоморно убиство на децата кај Смилковци.
Пред премиерот да одговори на прашањето на Стојаноски, за законот за амнестија кратко образложение даде заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ.
„Законот за амнестија, кој ќе стигне во собранието, е истиот што во 2018 година вие го имате гласано. За кои кривични дела се однесува точно е наведено, објавено е на веб-страницата. Меѓутоа за кои предмети станува збор тоа ќе се знае откако ќе биде донесен. Судовите и затворите ќе кажат точно кои се тие затвореници кои ги опфаќа овој закон“,
рече Аврамовска-Мадиќ.
Денеска и министерот за правда Кренар Лога, прво на брифинг со новинарите, а потоа и на прес-конференција, рече дека станува збор за истиот закон за амнестија од 2018 година, со мали измени. Имено, како што рече Лога, со сегашното решение се изземаат одредени кривични дела за кои нема да важи амнестијата.
Новиот предлог-закон за амнестија предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.
Иако според најавите на собранскиот спикер, предлог-законот може да се најде на седница уште следната недела, тоа ќе се случи за десетина дена, откако министерот за правда ќе се врати од службено патување во САД, бидејќи тој лично сака да го брани пред пратениците.