Претседателот на државата, Стево Пендаровски, утре во 13:00 часот, ќе му го врачи мандатот за состав на новата Влада на новиот претседател на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски. Освен што го потврдија точниот термин, од кабинетот на шефот на државата споделија и дека настанот ќе може да се проследи во живо, на Фејсбук страната и YouTube каналот на претседателот Пендаровски.
Нова Влада за три недели?
Официјалната потврда за точниот термин за доделување на мандатот значи и дека од утре ќе почнат да течат роковите за состав на новата Влада. Сепак, ако се остварат проценките на Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нова Влада ќе има и пред да истечат роковите.
На годишната прес-конференција на која се сумира работата на Собранието, Џафери кажа дека очекува веќе на 17 јануари новите министри да бидат во своите работни места.

„Откако претседателот ќе му го додели мандатот на Ковачевски, Собранието треба да биде известено и да почнат да течат роковите. Максимумот е 20 дена, но јас не очекувам мандадарот да го искористи до крај овој рок. Сметам дека до 10 или 11 јануари во Собранието би стигнал предлог-составот на новата влада, како и програмата. По консулатациите со пратеничките групи, седницата за избор на нова влада би можела да се закаже за 15 јануари, а до крајот на денот на 16 јануари таа и да се избере“,изјави денеска Џафери на годишната прес-конференција на која ја сумираше работата на парламентот.
На синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ беше решено новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, да биде мандатар за состав на новата влада.