На средбата меѓу премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ биле пренесени сите владини активности за справување со енергетската криза, а понудите кои опозицискиот лидер неколку дена ги најавува треба да ги достави до миниситерот за економија кој е задолжен од Владата да ги разгледува и да ги оствари контактите

Премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза, а ги информирале и за производството на енергетските капацитетети, за производството на електрична енергија во ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино. На средбата, Ковачевски рече дека информирал и за обезбедувањето енергенси и тоа јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, како и мазут за ТЕЦ Неготино, но и како помошно гориво за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Ковачевски рече дека сите понуди што ги имаат од ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достават до ЕСМ, но бидејќи станува збор за контакти кои сакаат да бидат директни затоа го задолжува министерот за економија Крешник Бектеши да ги оствари тие контакти и да се види дали тие имаат соодветна понуда која ги задоволува критериумите врз основа на кои се прават набавки во ЕСМ.
На средбата Ковачевски рече дека ја нагласиле и потребата во Собранието што побрзо да се донесат сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза. Станува збор за Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра кој обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства од буџетот кои се со помал процент на исполнетост и кои не се неопходни во услови на криза и префрлање во ставки за справување со енергетската криза.
Тема која, исто така, се нашла на масата меѓу премиерот и лидерот на опозицијата е префрлањето на училиштата и здравствените установи на регулираниот пазар на струја.
„Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Овие решенија ние веќе ги соопштивме и се во фаза на реализација. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, за кое го задолживме Министерството за економија заедно со ЗЕЛС да ги земе податоците за потрошувачката на електрична енергија кај сите нив и тоа да може да се спореди и да се стави во корелација со производството на електрична енергија кое го имаме од домашни извори и да се види ефектот што ќе го има за нивно можно вклучување во регулираниот пазар“,
изјави Ковачевски.
Исто така, премиерот информирал дека Владата денеска донела одлука со која ЕСМ е задолжено да врши јавна услуга регулирано производство на топлинска енергија во Скопје за што веќе е потпишан е договор меѓу ЕВН и Адора за закуп на топланите.
Ковачевски посочи дека од формирањето на Владата се презмени низа мерки за ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните, издвоени се над 300 милиони евра буџетски средства.
Премиерот, меѓу другото истакна дека и понатаму продолжува субвенционирањето на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи, како и разговорите со соседните земји за набавка на електрична енергија, а се очекува помош и поддршка и од ЕУ, за што претседателот Стево Пендаровски разговарал со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен изминатиот викенд за време на посетата на Бугарија.