Според Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител има право писмено да се признесе по предлогот за негово разрешување, како и да присуствува на собраниската седница на која треба да се расправа и одлучува по предлогот
Советот на јавни обвинители денеска му го достави на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски предлогот за негово разрешување што го иницираше Владата, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Како што информираа дел од медиумите, предлогот за разрешување на Коцевски во Советот на јавни обвинители пристигнал во вторникот.
„Јавниот обвинител ќе го разгледа предлогот и писмено ќе се произнесе во законски предвидениот рок“,
велат од Јавното обвинителство.

Според Законот за јавно обвинителство, Коцевски има право писмено да се признесе по предлогот за негово разрешување, како и да присуствува на собраниската седница на која треба да се расправа и одлучува по предлогот.
Инаку, Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена да даде свое мислење по однос на предлогот за разрешување на Коцевски, а согласно Законот за јавно обвинителство, овој рок може да биде продолжен за уште 15 дена ако има оправдани причини за тоа.
„Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата на Република Северна Македонија“,
се вели во член 88 од Законот за јавно обвинителство.
Досега Владата не ја објави содржината на предлоот за разрешува на државниот јавен обвинител.
Од она што досега е познато, во предлогот за разрешување што го подготви Министерството за правда се вели дека државниот јавен обвинител постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои тој требало да знае и требало да се изземе.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител може да биде разрешен по две основи – ако е член на политичка партија и ако сторил тешка дисциплинска повреда.
Сепак, Законот не е до крај јасен дали Владата може да предложи разрешување на јавниот обвинител до Собранието и во случај Советот на јавни обвинители да даде негативно мислење по владина иницијатива за разрешување. При избор на државен јавен обвинител, Владата може да избере кого ќе предложи до Собранието само од оние кандидати пријавени на конкурсот за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.
За разрешувањето на државниот јавен обвинител последниот збор ќе го имаат пратениците, од каде за негова смена е потребен 61 глас во Собранието. На оваа седница, според законот, државниот јавен обвинител може да присуствува и на неа да се произнесе по предлог на Владата за негово разрешување.
Коцевски во изјава за медиумите неодамна рече дека од она што досега го слушнал во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен. Рече дека дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако ќе му биде доставен од Советот на јавните обвинители. Во истата прилика изјави и дека доколку се утврди оти се исполнети условите за негово разрешување согласно Законот за јавни обвинители, во тој случај и самиот ќе се повлече, во спротивно, како што додаде, јавноста нека цени дали е разрешен законски или не.
Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде пред точно една година, односно на 13 февруари 2024 година. Претходно на ова место беше Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември 2023 година.
Поврзани вести:
- Предлогот за разрешување на Коцевски сè уште патува кон Советот на ЈО – Димитириеска вели првин да го видат, па ќе се произнесат
- Разрешувањето на Коцевски помина на владина седница, предлогот ќе оди до Советот на јавни обвинители
- Коцевски: Ако се утврди основа самиот ќе се повлечам, ако не тогаш јавноста нека цени дали сум разрешен законски или не
- Министерството за правда доби задолжение да достави предлог за разрешување на Коцевски
- Владата ќе го разрешува Коцевски, смее ли без согласност од Советот на јавни обвинители
- Мицкоски: Коцевски имаше можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата