„Не би можел ништо да коментирам, бидејќи имам функција којашто е многу одговорна и захтевна, така што посветен сум на оваа функција“, вели актуелниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Коце Трајановски, кој беше градоначалник на Скопје од 2009 до 2017 година, ниту потврдува ниту демантира дека повторно би влегол во трка за оваа функција на локалните избори следната година.
„Не би можел ништо да коментирам, бидејќи имам функција којашто е многу одговорна и захтевна, така што посветен сум на оваа функција“,
рече Трајановски на директното прашање дали би се нафатил повторно да биде кандидат за градоначалник.
Трајановски, кој сега е директор на Јавното претпријатие за државни патишта, рече дека има проекти за кој е многу горд од времето кога беше градоначалник на главниот град.
„Јас во Град Скопје имав многу проекти кои се забележителни и ги гледаат граѓаните, а особено се гордеам со две награди коишто ги добив додека бев градоначалник. Едната е 2016 г. – втора награда во Европа за мобилност, Малме беше прв, Лисабон и Скопје втори. И втората награда, исто во 2016 година, Град Скопје беше избран во првите три града во Европа и Југоисточна Азија по примената на дигиталната технологија во управување со градот и јавните претпријатија во градот. Така што, успеавме да го дигнеме градот на високо европско ниво, претставително и достојно за еден главен град“,
вели Трајановски.
Според него, тоа што кружат повеќе имиња како можни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје покажува организираност и подготвеност на партијата.
Вели дека енергијата и мудроста го вратиле во политиката, откако отсуствуваше од 2017 година. А, за тоа време, вели Трајановски, ги средил односите со семејството.
„Ги средував домашните работи кои не ми беа средени додека бев во политиката. И многу често ќерката имаше замерки на моето однесување и работење. Во една прилика ми рече – тато, луѓето добија градоначалник, а јас изгубив татко. Велеше, секоја од другарките во школо кажува како со таткото била во слаткарница, во кино, во парк, а јас мојот татко не го гледав една недела. Така што, многу работи ги подобривме на домашен план. Веќе успеав да ја придобијам фамилијата“,
вели поранешниот градоначалник на Скопје.