ВМРО-ДПМНЕ и Левица треба да им се извинат на граѓаните за тоа што ширеа лажни вести и работеа против интеграцијата на државата во ЕУ, вели пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски

Потпишувањето на договорот со Фронтекс на официјален македонски јазик, без фусноти, без додавки е историски успех за нашата држава на кој сите треба да сме горди, единствено ВМРО-ДПМНЕ и Левица не честитаа на овој државен успех, рече на денешната прес конференција Мартин Костовски, пратеник од СДСМ.
„Тоа е затоа што овие две партии се антиевропски, деструктивни субјекти кои ширеа лажни вести и работеа против интеграцијата на државата во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ и Левица треба да им се извинат на граѓаните за сите лаги, за сите хушкања на насилни протести каде злоупотребија млади луѓе да напаѓаат полицајци и државни објекти. Откако со договорот за Фронтекс, ЕУ како и светот го признаа официјалниот македонски јазик, редно е тоа да го сторат и ВМРО-ДПМНЕ и Левица“,
додаде Костовски.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица, според Костовски, беа тие кои македонскиот јазик со месеци го нарекуваат западнобугарски дијалект, „севернџаски“ и користеа други погрдни зборови со што му правеа штета на сопствениот македонски јазик и го омаловажуваа македонскиот идентитет.
„Тоа е антидржавно антинародно однесување на дело. Колку и да лажат, да манипулираат и омаловажуваат од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, факт е дека Северна Македонија е во процес на преговори за членство во ЕУ, факт е дека тие преговори се водат на македонски јазик со чиста формулација. Колку и да се противат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, факт е дека македонската иднина е сигурна и стабилна и дека таа е европска“,
нагласи Костовски.