Ова е коментарот на потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, на прашањето – како го замислуваат учеството во работните групи на теми правосудство и енергетика што произлезе како резултат на средбата Мицкоски – Филипче и дали ќе ја носат и одговорноста ако има доцнење во исполнувањето на обврските од Реформската агенда од Планот за раст за Западен Балкан на ЕУ

„Добар и конструктивен“ беше оценката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за состанокот што го имаше со премиерот Христијан Мицкоски на 3 април. Меѓу другото, тој изјави дека во фокусот на разговорите биле реформската агенда во делот на правосудството и енергетиката и делегирањето претставници на СДСМ во работните групи на овие теми.
Прашана како го замислуваат учеството во работните групи и дали ќе ја носат и одговорноста ако има доцнење во исполнувањето на обврските од Реформската агенда од Планот за раст, потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговара:
„Ние сме опозиција на владата предводена од ДПМНЕ и Мицкоски, но ние не сме опозиција на државата. И овде повторно се истакнува оној голем државнички потенцијал и одговорност на СДСМ. Погледнете ја последната изјава на претседателот Филипче во Брисел. Ние сме подготвени за клучните, за најважните работи. Да соработуваме, односно да дадеме државнички придонес за Македонија повторно да се врати на европскиот колосек од каде што гледаме дека е извадена и да го продолжи патот кон реализирање на својата основна стратегиска цел. Тоа е државнички, тоа е одговорно и да имаше СДСМ таква опозиција во минатото, многу побрзо и многу порано ќе беа надминати овие проблеми, и многу побрзо и многу порано ќе можевме да работиме на пофункционален систем“.
Според Костова, работите зависат пред сè од власта.
„Прво, мора да се види расположеноста и искрените намери на власта нешто да преземе. Затоа што ние презентираме можност за постигнување на нов општествен дијалог, но колку Владата и владејачкото мнозинство ќе имаат волја да постапуваат така како што треба и да учествуваат во изградбата и одржувањето на еден пофункционален систем, ама не со апстрактни идеи туку со конкретна работа, тоа останува да го видиме од нив. И, секако, во секое општество одговорноста ја носат оние коишто се дел од владејачкото мнозинство“,
вели потпретседателката на СДСМ.