Претседателот на Уставниот суд потенцирал дека без разлика на какви било обиди за политизација и етнизација во постапувањето на Судот, неговата императивна заложба е да го чува Уставот
Заштитата на владеењето на правото и правната држава треба да бидат врвен приоритет на сите фактори во општеството како единствен начин за враќање на довербата во институциите, порачале претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и евроамбасадорот Михалис Рокас на денешната средба во Судот.
За таа цел, се согласиле дека е неопходно да се обезбеди независноста и самостојноста на Уставниот суд, но и правосудниот систем во целина во сите аспекти.
Костадиновски потенцирал дека без разлика на какви било обиди за политизација и етнизација во постапувањето на Уставниот суд, неговата императивна заложба е да го чува Уставот.
„На средбата претседателот на Судот го информира амбасадорот на ЕУ за актуелностите, но и за предизвиците со кои се соочува Судот во неговото работење во изминатиот период и се заблагодари за поддршката на Уставниот суд, преку проектот на ЕУ ‘Зајакнати капацитети на Уставниот суд’“,
информираат од Уставниот суд во писмено соопштение.
Уставниот суд изминатиов период се најде во фокусот на јавноста откако на седницата мината недела Судот како точка на дневниот ред ги стави иницијативите со кои се оспоруваат одредби од Законот за употреба на јазиците.
Во врска со ова прашање Уставен одлучи да одржи подготвителна седница на која ќе се расправа во експерти од областа, а дури потоа да се носи конечна одлука за оценување на уставноста на Законот. Подготвителната седница би требало да се одржи на почетокот на март следната година, а најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.