Претседателот на Комисијата за избори и именувања вели дека во овој момент, практично, нема кандидати за уставни судии додека не се отвори точката на дневен ред
Пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов, кој е претседател на Комисијата за избори и именувања, вели дека сè додека не се отвори точката на дневен ред за предлагање кандидати за уставни судии, практично, нема номинации за членови на Уставен суд.
„ВМРО-ДПМНЕ во овој момент пука во празно. Додека не се отвори таа точка, која е на дневен ред на Комисијата за избори и именувања, практично, нема кандидати за уставни судии. Откако ќе се отвори таа точка, членовите или нивните заменици во Комисијата, кои се од различни партии, може да предложат кандидати за уставни судии. Нелогична е хајката што ја води ВМРО-ДПМНЕ врз основа на шпекулации за можни кандидати за уставни судии. Ако е така, во јавноста има шпекулации дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложи за уставна судијка почитуваната колешка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјаноска Давкова, што не значи дека таа е веќе кандидат за функцијата“,
вели Костадинов за „360 степени“ во однос на критиките од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за можните кандидати на мнозинството за уставни судии, чии имиња деновиве се вртат во јавноста.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција во Собранието, информира дека пратеничката група на опозициската коалиција испратила допис до повеќе амбасади во земјава, како и до Амбасадата на ЕУ, за да ги извести дека со евентуален избор на генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и на адвокатот Васко Талевски би се прекршил членот 111 од Уставот, кој предвидува неспоивост на функцијата уставен судија со членство во политичка партија.
Милошоски, исто така, го обвини Костадинов дека крие листа со дописи на лица кои сакале да конкурираат за уставни судии и доставиле биографии до Собранието. Меѓу нив, како што рече Милошоски, има и судии со големо искуство, кои се далеку покомпетентни за уставни судии и побара Костадинов да ги објави биографиите.
Костадинов вели дека има увид во тие дописи, ама посочува дека процедурата за избор на кандидати за уставни судии не предвидува конкурс и самокандидирање, туку номинирањето оди преку пратениците во Комисијата за избори и именувања.
„Ќе ги имаме предвид тие лица, ама тие не можат да се сметаат за кандидати освен ако не ги предложи некој од членовите на Комисијата“,
вели Костадинов и додава дека ова укажува на тоа дека од ВМРО-ДПМНЕ или не ја познаваат процедурата или нивна единствена намера е да блокираат по секоја цена.
Костадинов, исто така, вели дека поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ, кои почнаа уште во минатиот собраниски состав (кога претседател на Комисијата за избори и именувања беше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ (н.з.) Собранието веќе три години не може да избере нови членови на одборите за доделување на државните награди. Предлагањето на кандидати за членови на овие одбори исто така е на дневен ред на комисиската седница, која во понеделникот почна во тензична атмосфера поради точката за предлагање кандидати за уставни судии, по што беше прекината. На дневен ред на оваа седница се уште неколку кадровски решенија, а Костадинов вели дека ќе закаже нејзино продолжение кога ќе се создадат услови за тоа.