Нема информација дали власта обезбедила двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство, но од СДСМ се оптимисти дека законските измени ќе бидат донесени пред распуштање на парламентот. Пратеникот Костадин Костадинов на прес-коференција во Собранието денеска ги повика пратениците да покажат одговорност и да гласаат за законот, кој како што рече, гарантира дека сите судски процеси ќе имаат разрешница.
„Убеден сум дека најмалку 80 пратеници ќе го имаат предвид она што е важно за државата и дека ќе имаме мнозинство за законот за јавно обвинителство. Усвојувањето на законот е од огромно значење за европската перспектива и интегрирањето на нашата земја во европското семејство. Нема скриена амнестија за никого, за секого за кого постои обвинение ќе има одговорност пред институциите“,
порача Костадинов.
Прстот го впери во опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кого го обвини дека се става во одбрана на неговиот претходник Никола Груевски и дека со блокирање на законот се обидува да го спаси од одговорност.
Прес-коференцијата на Костадинов доаѓа пред почетокот на седницата во Собранието на која на дневен ред е и Законот за јавно обвинителство. Расправата беше затворена синоќа, а собранискиот спикер Талат Џафери во изјава за „360 степени“ вели дека гласањето може да биде денеска или утре, во зависност кога ќе добие информација од пратениците дека е обезбедено двотретинско мнозинство.
Поврзани вести:
Џафери чека абер од пратениците за да го стави на гласање законот за ЈО