Од фотографиите што ги објави Костадинов, може да се види дека апликативниот формулар во Министерството за локална самоуправа е примен на 14 март годинава, а во него се наведени сите 13 проекти за кои се бараат финансиски средства
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при посетата на струмичко Ново Село, од каде се гради пешачка и рекреативна патека до Мокриево, што е проект од првиот владин повик, на Костадинов му порача дека не е време за политиканство, туку да се работи

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, објави листа со проекти со кои, како што вели, неговата локална самоуправа има аплицирано на повикот на Владата за доделување финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти.
Објавата на листата, што Костадинов ја направи на својот фејсбук-профил, доаѓа откако денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на струмичко Ново Село упати апел до струмичкиот градоначалник да ја искористи можноста за вториот владин повик и да аплицира со проекти.
„Прво, да му се заблагодарам на претседателот на Владата што ми даде дозвола да ја критикувам работата на Владата. Навистина ми значи, особено во услови кога за цензура во јавниот говор токму тој одлучува. Второ, досега имаме аплицирано со 13 проекти. Тоа што претседателот на Владата сè уште не е информиран за нашите апликации е загрижувачки, особено што надлежниот министер кој треба да го информира стои позади него. Подолу е листата на проекти за кои имаме доставено целосна документација. Сите овие проекти чекаат реализација“,
пишува Костадинов во објавата.
Од фотографиите што ги објави Костадинов, може да се види дека апликативниот формулар во Министерството за локална самоуправа е примен на 14 март годинава, а во него се наведени сите 13 проекти за кои се бараат финансиски средства.
Повеќето од проектите за кои Општина Струмица аплицира се за изградба на дел од сервисни улици во градот, но има и за изградба на семејни куќи во низа, што ќе бидат наменети за домување за социјално загрозени семејства.
Апликативен формулар општината има поднесено и за изведба на основен проект за реконструкција на канал за атмосферски води на улицата „Крушевска република“ и за изведба на филтер-станица во селото Банско.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при посетата на струмичко Ново Село, од каде се гради пешачка и рекреативна патека до Мокриево, што е проект од првиот владин повик, на Костадинов му порача дека не е време за политиканство, туку да се работи.
„Да упатам апел до градоначалникот на Струмица да ја искористи можноста за вториот повик и да аплицира со проекти, не е време за политиканство, време е да се работи за граѓаните. Помина времето кога Македонија се крадеше, понижуваше, омаловажуваше, сега е време да се гради. Без разлика што тој можеби во некој внатрепартиски предизборен занес се обидува да ја критикува Владата, во ред тоа е негово право и тоа може да го прави. Но, го замолувам согласно критериумите, не како во првиот повик, да достави проекти за да може да ги финансираме како и тие во Ново Село, Босилово, Василово“,
рече Мицкоски.
Откако во октомври лани заврши првиот повик за финансирање на капитални проекти на Владата, Мицкоски зборувајќи за секоја „одбиена“ општина поединечно, рече дека Струмица била одбиена бидејќи аплицирала со веќе започнат, тековен проект за којшто е избран и изведувач.
Во февруари годинава, Владата го распиша вториот јавен повик на кој општините до 30 април може да аплицираат за добивање финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти. Повикот за добивање финансиски средства до 15 милијарди денари е за проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, социјалната политика и образованието.
Распределбата на средствата, како што рече тогаш министерот за локална самоуправа Златко Перински, ќе се врши врз основа на два критериуми, и тоа резидентното население во општината согласно последниот попис и комплетна проектна документација потребна за отпочнување на јавната набавка.