Пратениците на новиот состав на косовското Собрание, произлезен од вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври минатата година, денеска треба да гласаат за предлогот на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и мандатар за нов премиер на Косово Албин Курти за составот на новата влада на Косово.
Курти, како лидер на партијата победничка на октомвриските избори, го доби мандатот за состав на новата влада пред две недели, на 20 јануари, додека собраниското Претседателство ја закажа пленарната седница за гласање за составот на неговиот иден кабинет за 11 часот.
Владата на Курти ќе има 15 министри и 33 заменици-министри, што е големо намалување во однос на претходната влада која имаше 23 министри и околу 80 заменици-министри.
Блерим Река, кој беше независен кандидат поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА на претседателските избори во Северна Македонија лани, ќе биде министер за европски интеграции во новата влада на Косово, која ќе ја предводи лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, јавуваат косовските медиуми.

Во неуспешните преговори за формирање влада, пред околу еден месец, кои ги водеше лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Река беше споменуван и како министер за надворешни работи, но со последниот договор, на таа позиција ќе биде Глаук Коњуфца, кој во декември 2019 беше избран за претседател на косовското Собрание.
Тогаш „360 степени“, направи анализа за тоа каква порака испраќа номинирањето на Блерим Река за министер на Косово, која можете да ја прочитате ТУКА.
За да биде изгласана новата влада потребно е мнозинство од 61 пратеник во Собранието. Партиите на Курти и Мустафа заедно имаат 57 пратеници (ВВ 29, ЛДК 28), а поддршка на новиот кабинет најавија десеттемина пратеници на партиите од несрпските малцински етнички заедници.
Пратениците на партиите не Албанците кои досега беа на власт – Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и коалицијата на Социјалдемократската иницијатива и Алијансата ново Косово – објавија дека нема да гласаат за предлогот на Курти за новиот состав на владата.