Снимката на која се гледа како медицински сестри малтретираат старица предизвика многубројни реакции во косовската јавност, а меѓу оние што ја осудија случката се и претседателката на државата Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и многу други личности од јавниот и политичкиот живот на Косово
Косовското обвинителство соопшти дека три медицински сестри се уапсени откако вчера на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како тие малтретираат старица во старски дом во градот Пеќ.
Според објавеното на снимката, една од сестрите ја држи старицата за раце и ѝ удира неколку шлаканици, а потоа ја клоца во стомакот, додека други две сестри се смеат, а една ја снима целата случка.
Сестрата која ја претепува старицата е идентификувана како Аурора Пељај, жителка на село во близина на Пеќ.
Снимката предизвика многубројни реакции во косовската јавност, а меѓу оние кои ја осудија случката се и претседателката на државата Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и многу други личности од јавниот и политичкиот живот на Косово.
Во медиумите се огласи и таткото на Пељај, кој побара прошка од семејството на старицата, која, според објавите во косовските медиуми, страда од Алцхајмерова болест и е мајка на припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), загинат во војната во земјата во 1999 година.
„Знам дека поминувате тешки моменти, но дозволете ни да јавно да ви се извиниме од мое име и од името на семејството Пељај, вам, семејство Нура и на целиот албански народ. Ние сме ви цел живот морални и душевни должници за душевната болка што ви ја предизвика нашата ќерка. Исто така, бараме од органите на редот да постапат според законите на Република Косово за делата за кои таа се товари“,
изјави таткото на Аурора, Наим Пељај.
Настанот се случи во приватната институција за згрижување стари лица, „Оренда“, за која во јавноста се бара од надлежните да ѝ се одземе лиценцата.