Според косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља, нападот дошол и сè уште трае од подготвени професионални единици со состав од над 30 лица кои се униформирани, маскирани и воено опремени со оклопни возила и тешко вооружување од различен тип
Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека одвреме-навреме од различни позиции продолжуваат нападите врз косовската полиција на северот на земјата, каде денеска загина еден полицаец, а според него поголем број од напаѓачите се забарикадирани во православниот манастир во Бањска и дека тоа било потврдено и од Рашко-призренската епархија.
„Добро организирани и диригирани криминални групи од Белград откако со тешки возила го блокирале мостот и го спречиле пристапот до селото Бањска, им поставија заседа на полициските единици, при што загина полицискиот наредник Африм Буњаку, а други двајца полицајци биле повредени и нивната состојба е стабилна“,
кажа Свечља.
Изворот на вооружените напади, вели тој, е манастирот во Бањска кај Звечане и неговата околина. Косовските полициски единици се активирани на терен и од време на време се напаѓаат со огнено оружје од различни позиции, од организирани и тешко вооружени групи. Свечља ги повика напаѓачите да се предадат бидејќи се опколени од косовската полиција.
„Голем број од нив се забарикадирани внатре во манастирот во Бањска и според официјалните изјави на Рашко-призренската епархија. Овие терористи се опколени од полициски единици и крајно време е да се предадат“,
порача Свечља.
Косовскиот премиер Албин Курти на прес-конференција порача дека вооружената група луѓе кои утринава убија косовски полицаец и ранија уште еден се околу 30 на број и дека се опколени од косовската полиција и затоа им порача да се предадат. Тој објави и фотографии од лицата на кои се гледа дека имаат џипови и оклопни возила. За убиството, Курти го обвини официјален Белград велејќи дека нападот е оркестриран од српската држава.
„Оваа ситуација не може да се толерира, тие дојдоа да се борат и да го дестабилизираат Косово, а ние се бориме против нив поради законот кој е наша одговорност. Мораме да го спроведеме законот, но најлесно и најбрзо би било да се предадат“,
рече Курти.
Од српската Канцеларија за Косово и Метохија соопштија дека прес-конференцијата, која требаше да ја одржи директорот на канцеларијата, Петар Петковиќ, е одложена бидејќи свое вонредно обраќање попладнево ќе има претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Оттаму кажаа „Вучиќ ќе ги разобличи сите лаги на Албин Курти“ кој воедно, како што велат, бил творецот на хаосот и пеколот за српскиот народ на Косово и Метохија.
Во меѓувреме, осуди за убиството доаѓаат од сите страни. Последни во низата функционери кои го осудија настанот беа високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој побара виновниците да одговараат пред косовските закони. Осуда пристигна и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој според неофицијални информации се наоѓа во Приштина.
Во меѓувреме, Рашко-призренската епархија преку соопштение изјави дека група вооружени и маскирани лица со блиндирано возило влегле во манастирот во селото Бањска, каде што утринава беше убиен припадник на косовската полиција, пренесуваат РТС и Н1.
Непознатите лица го скршиле катанецот од заклучената капија, а во самата внатрешност на манастирот се наоѓаат верници од Нови Сад, како и свештеникот, игуменот Данило и браќата во манастирот, се вели во соопштението на Рашко-призренската епархија.
„Поради безбедност, браќата од манастирот и верниците се заклучија во конаците, а заклучен е и храмот на манастирот. Вооружените лица се движат во дворот на манастирот и повремено се слуша пукање“,
се вели во соопштението.