За време на средбата, на која главно се разговарало за последните настани во Косово и во регионот, Османи му ја пренела на Ескобар итната потреба од отстранување на барикадите на северот на Косово кои косовските Срби ги поставија по апсењето на поранешниот припадник на полицијата, Дејан Пантиќ. Според неа, Косово „продолжува да биде конструктивна страна во процесот на дијалогот“, додека постапките на Србија се обид за „нарушување на дијалогот за меѓусебно признавање“
Претседателката на Косово, Вјоса Османи денеска оствари средба со специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар кој од вчера е во посета на Косово.
За време на средбата, на која главно се разговарало за последните настани во Косово и во регионот, Османи му ја пренела на Ескобар итната потреба од отстранување на барикадите на северот на Косово кои косовските Срби ги поставија по апсењето на поранешниот припадник на полицијата, Дејан Пантиќ.

„Претседателката Османи изрази благодарност за јасната порака од САД вчера во врска со неодамнешните настани на северот на Косово и барањето за итно отстранување на барикадите и запирање на заканите и заплашувањата на локалните граѓани, како и напади врз косовската полиција, претставници на изборната комисија и мисиите ЕУЛЕКС на Косово“,
се наведува во соопштението на кабинетот на претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Косовската претседателка, според соопштението од нејзиниот кабинет, за време на средбата со Ескобар изјавила оти барикадите на северот на Косово се поставени од „илегални структури организирани во криминални банди предводени од претседателот на Србија, Александар Вучиќ“. Дополнително, додала дека нападот врз косовските и меѓународните институции се „злосторства за кои сторителите мора итно да се соочат со правдата“.

Според Османи, Косово „продолжува да биде конструктивна страна во процесот на дијалогот“, додека постапките на Србија се обид за „нарушување на дијалогот за меѓусебно признавање“.
На средбата меѓу специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан и косовската претседателка се разговарало и за подобрување на односите меѓу Косово и САД, особено за барањето на претседателката Османи од јуни 2022 година за почеток на стратегискиот дијалог меѓу двете земји, како и за интеграција на Косово во евроатлантските структури.
Најавено е дека од Приштина, Габриел Ескобар ќе отпатува за Белград, на средби со тамошниот државен врв, во врска со најновата криза предизвикана во северно Косово, каде што локалните Срби поставија барикади и ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, „Јариње“ и „Брњак“.