Поради најновата блокада на преминот „Мердаре“, Министерството за надворешни работи на Косово синоќа ги повика сите граѓани што патуваат за Косово преку централна Србија да го избегнуваат овој премин и да користат други алтернативни патишта. Како опција ги посочија премините преку Северна Македонија
Косовската полиција денеска го затвори својот најголем граничен премин „Мердаре“ откако група демонстранти со камиони и приколки вчера го блокираа преминот од српска страна во знак на поддршка за Србите во Косово, јави Ал џезира.
Освен „Мердаре“, и натаму остануваат блокирани граничните премини „Јариње“ и „Брњак“, кои косовските Срби ги блокираа барајќи да бидат ослободени поранешните припадници на косовската полиција од српска националност кои беа уапсени.
Поради најновата блокада на преминот „Мердаре“, Министерството за надворешни работи на Косово синоќа ги повика сите граѓани кои патуваат за Косово преку централна Србија да го избегнуваат овој премин и да користат други алтернативни патишта. Како опција ги посочија премините преку Северна Македонија.
На српската страна на преминот „Мердаре“, кој вчера беше блокиран, според тврдењата на косовските власти, поставени се барикади на околу два километра од оваа гранична точка. Според косовската полиција, блокадата на граничниот премин е незаконска и го спречува слободното движење и промет на луѓе и стоки.
„На север од земјата, во текот на ноќта, криминалните лица или групи продолжија да поставуваат барикади, што дополнително ја попречува слободата на движење. Според официјалните информации, поставени се и две барикади со тешки возила“,
соопшти косовската полиција.
Локалните Срби на северот на Косово од 10 декември ги блокираа патиштата во северниот дел на Косово поради апсењето на нивниот сонародник и поранешен припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој е осомничен дека учествувал во нападот врз службениците на Централната изборна комисија.
Владата на Косово во понеделникот соопшти дека е во постојана комуникација со мисијата на НАТО на Косово, КФОР и дека ја чека нивната акција, нагласувајќи дека косовската полиција ги има сите капацитети да ги отстрани барикадите.