„Јас доаѓам од Словенија, која порано беше дел од оваа територија во поширока смисла. Во некои аспекти регионот беше подобар пред 20 години отколку што е сега. И постојат две многу тажни приказни или три. Една од нив е тоа што Косово не може да оди понатаму. Уште една тажна приказна е Северна Македонија… Знаете, кога со Украина би чекале онолку долго, колку што Северна Македонија чека на почеток на преговорите, Украина би ги почнала преговорите во 2045 година. И, секако, тука е Босна и Херцеговина“, вели еврокомесарката за проширување во интервју за РСЕ
Кога станува збор за проширувањето на Европската Унија (ЕУ), Северна Македонија е во друштвото на земјите од регионот на Западен Балкан кои еврокомесрката за проширување Марта Кос ги оцени како тажна приказна.

Говорејќи во интервју за Радио Слободна Европа за Западниот Балкан, Кос вели дека во регионот има две или три тажни приказни – едната е Косово, другата Северна Македонија и третата Босна и Херцеговина.
Во разговорот од нешто повеќе од 20 минути, во кој темата е исклучиво проширувањето на Европската Унија, актуелните геополитички случувања кои влијаат на процесот и очекувањата од него, Кос во само два наврати ја споменува земјава. Еднаш во контекст на Западниот Балкан и вторпат правејќи своевидна парабола со евроинтегративниот пат на Украина, која иако во војна е земја кандидат за членство.
„Го споменавте Западен Балкан. Јас доаѓам од Словенија, која порано беше дел од оваа територија во поширока смисла. Во некои аспекти регионот беше подобар пред 20 години отколку што е сега. И постојат две многу тажни приказни или три. Една од нив е тоа што Косово не може да оди понатаму. Уште една тажна приказна е Северна Македонија… Знаете кога со Украина би чекале онолку долго, колку што Северна Македонија чека на почеток на преговорите, Украина би ги почнала преговорите во 2045 година. И, секако, тука е Босна и Херцеговина“,
вели еврокомесарката Кос.
На почетокот на разговорот таа целосно се согласува со констатацијата дека проширувањето иако секогаш било процес, сега во него повеќе од кога било е инволвирана геополитиката, и тоа на највисоко ниво.
„Целосно се согласувам со вас. Уште додека бев кандидатка за комесар во ноември или октомври, говорев дека проширувањето денес е поинакво од она што беше пред пет години. Меѓутоа, денес велам дека процесот на проширување е поинаков од што беше во јануари бидејќи многу работи се променија, вклучувајќи ја и новата влада во Соединетите Американски Држави (САД). Геополитиката се промени во смисла дека беше приоритет пред проширувањето, но не беше толку поврзана со делот кој се однесува на безбедноста и мирот. И повторно, со проширувањето денес некако се враќаме на основите поради кои е основана Европската Унија. Тоа беше поради обезбедување мир, слобода, просперитет и денес би можеле да додадеме – поради безбедност“,
вели Кос.
И понатаму, како што додаде таа, станува збор за поглавја и кластери и референтни вредности, но она што е важно, како што вели, дека ЕУ не сме да потфрли во процесот на проширување, што, според неа, е најуспешната надворешна политика на Европската Унија.
Неуспех во рамките на овој процес, според еврокомесарката за проширување би било доколку актуелниот состав на Европската комисија не успее да внесе ниту една нова членка во ЕУ за време на нејзиниот мандат кој трае до 2029 година.
Според Кос, Црна Гора и Албанија се земјите со кои ЕУ може да се прошири во овој овој период од четири години.
„Тоа можеме да го направиме со Црна Гора. Сите поглавја се отворени, така што ги затвораме за да можеме да го завршиме процесот до крајот на 2026 година, од техничка гледна точка. Со Албанија би можеле да го завршиме процесот од техничка гледна точка до крајот на 2027 година. Зошто велам од техничка гледна точка? Затоа што тоа е процедура на преговори, (државите кандидатки) мора да ги спроведат реформите, но потоа е на државите членки кои ќе да одлучат дали тие ќе станат членки или не“,
вели таа.
На прашањето да Црна Гора и Албанија ќе бидат 28. и 29. земја членка на Европската Унија кога таа ќе ја напуштите функцијата во 2029 година, Кос категорично одговори – „да“.
Во однос на тоа дали на нив може да им се приклучи уште некој друг, еврокомесарката ја посочи Молдавија, за која рече дека е навистина добар ученик во целата група.
„Тие навистина го чувствуваат овој историски момент. И ова е нешто што веројатно не сме го виделе порано бидејќи тоа е мировен проект, затоа што сакаат да припаѓаат на заедница на вредности и демократија. Подготвени се да направат сè што е можно. Дури и Украина, за првпат во историјата преговараме со земја што е во војна. Никогаш претходно не сме го направиле ова. Така што сум сигурна дека би можеле да имаме повеќе од само две нови земји членки“,
вели Кос.
Околу ситуацијата со Србија, каде што со месеци беснеат протести, еврокомесарката со порака до Белград дека мора да ги исполни ветувањата и да се врати на европскиот пат.
Инаку, Кос е во дводневна посета на Србија каде освен со државниот врв ќе има средби и со невладиниот сектор и со студентите, кои ги предводат протести што избувнаа по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица, а повеќемина беа повредени.
„Мора да испорачаат, бидејќи, зборовите не се доволни. Затоа својата мисија или посета таму ја гледам како навистина значаен напор Србија да се врати на европскиот пат. И нема да се состанам само со претставници на владата, не само со претседателот. Ќе состанам со претставници на невладиниот сектор, со кои сум во постојан контакт. Ќе се сретнам со студентите“,
вели таа.

Според неа, ситуацијата не е лесна, но оценува дека всушност она што демонстрантите го бараат од српската влада е истото она што Европската Унија бара Србија да го исполни во процесот на преговори.
„Тоа е владеење на правото, борба против корупцијата, јавните набавки, медиумското законодавство, изборното законодавство. Значи, Србија многу вети во декември, во т.н. неофицијален документ (нон-пејпер), така што сега ќе мора да провериме дали го исполнуваат она што го ветија“,
вели Кос.
За себе вели дека е најголем поддржувач на демонстрантите бидејќи, како што додава, ако Србија, е сериозна во врска со патот кон ЕУ, мора да ги исполни ветувањата.
За состојбите во Босна и Херцеговина, таа се осврна на претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик, кого го наведе како една од причините поради кои ЕУ не ги отворила преговорите со оваа држава од Западен Балкан.
„Тешко е да се има работа со некој, кој не работи во најдобра интерес на својата земја, Босна и Херцеговина. И тоа беше една од причините поради која не можевме да ги отвориме преговорите со БиХ, која има статус на кандидат“,
кажа Кос во интервјуто за Радио Слободна Европа.