Сепак, таа додава дека тоа не значи дека Европската комисија (ЕК) не работи да ѝ помогне на С Македонија да ги започне преговорите по кластери. Кос, во интервју за ЕНР потенцира дека и лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и оти денеска заминува во Софија на средби со бугарски политичари. По ова, како што најавува ќе следат контакти и со политичарите во земјава
И да ги направи уставните измени, на земјава никој не може да ѝ гарантира дека потоа нема да се соочи со нови пречки на патот за членство во Европската Унија (ЕУ). Ваков одговор дала еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), пренесе МИА, која е дел од редакцијата.

Прашањето на кое одговара Кос, дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја, доаѓа по завчерашната изјава на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, кој рече дека уставните измени се прв, но не и единствен услов С Македонија да ги почне преговорите по поглавја и кластери со Унијата.
Еврокомесарката за проширување вели дека е разбирливо што земјава бара гаранции, но не може да ги има.
„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“,
вели Кос.
Сепак, таа додава дека тоа не значи дека Европската комисија (ЕК) не работи да ѝ помогне на С Македонија да ги започне преговорите по кластери.
Кос потенцира и дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и оти денеска заминува во Софија на средби со бугарски политичари. По ова, како што најавува ќе следат контакти и со политичарите во земјава.
Според еврокомесарката најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во процесот на пристапување во Унијата, но тоа, како што додава, не значи дека билатералните прашања не се важни.
„Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување“,
вели Кос.
Таа изразила надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.
„Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер“,
вели таа.
Во однос на актуелните услови, еврокомесарката повторно посочува дека целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава во однос на евроинтеграциите.
„Знаете, кога се распадна Југославија, Македонија, во тоа време, беше втора најразвиена република во поранешна Југославија. За споредба, да речеме ако Украина треба да чека да ги започне преговорите колку што чека вашата земја, нив ќе можеме да ги почнеме во 2045 година“,
додава Кос.
Еврокомесарката наведува дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.
„Од друга страна, ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме со еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме. Ние навистина сме силно вклучени во билатералните прашања, кои таму (на Западниот Балкан) ги има доста“,
вели Кос во интервјуто за ЕНР.
Пред два дена шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев во интервју за бугарската телевизија „БГ он ер“, рече дека впишувањето на Бугарите во Уставот е прв, но не и единствен услов за почеток на преговорите на С Македонија за членство во Европската Унија, оти тоа не е билатералност, туку спроведување на европскиот консензус.
На новинарската забелешка дека во Скопје овие услови не се целосно презентирани, односно македонските политичари ги претставуваат уставните измени како единствено, а не како прво барање во процесот, Георгиев посочи дека тој постојано го повторува истото.
„Редовно, сосема добронамерно им посочувам на колегите. Навистина не сакам да верувам дека тоа се прави намерно или со некоја скриена цел. Напротив, постојат јасно поставени услови, напишани црно на бело низ кои мора процесот да помине“,
кажа тој.
Георгиев посочи и дека позицијата на Софија е кристално јасна и дека нема да го промени својот став.