Одложувањето на рочиштата го отвора и прашањето што ќе се случи по завршувањето на кризата, ако се земе предвид дека не се знае колку ќе потрае актуелната ситуација, а законски е регулирано еден судски процес да се врати на почеток доколку во рок од 90 дена не се одржи рочиште. Претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски, пак, вели дека за тоа треба да одлучи Врховниот суд
Судското рочиште за случајот со организаторите на „27 април“, закажано за денеска, се откажа. Тројца од обвинетите кои се во домашен притвор, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, воопшто не беа спроведени во Основниот кривичен суд. Единствениот кој се појави беше бившиот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, а покрај него се појавија уште двајца адвокати, како и обвинителката Вилма Русковска и двајца сведоци.

Еден од адвокатите во предметот не се појави затоа што патувал надвор од земјава, а препораките на Владата се лицата што патувале или биле во контакт со некој што бил во средно и високоризичните земји да седат дома. Затоа и тројцата обвинети воопшто не беа спроведени. Следното рочиште е закажано за 27 март, за кога повторно ќе треба да се појават денешните двајца сведоци, како и премиерот Оливер Спасовски кој денеска не дојде бидејќи бил известен дека рочиштето ќе се одложи.
Денеска речиси празна беше судницата и во делот наменет за јавноста каде што беа присутни само четири новинарски екипи.
Засега нема план како ќе се одвиваат, не само овој туку сите судски процеси, со оглед на актуелната состојба со коронавирусот. Препорака од извршната власт е да се одложат оние процеси кои не се итни има, но планот треба да го направат органите од судската власт.

„Да се препорача на Судскиот совет и на Врховниот суд да ја разгледаат можноста и да препорачаат на претседателите на судовите да направат план за одложување на судењата, со исклучок на оние судски предмети кај кои постои потреба од итност на постапување, како што се предмети кои се пред застарување, предмети во кои се изречени мерки притвор или други мерки за обезбедување на присуство, како и предмети кај кои сериозно би било нарушено правото на судење во разумен рок, предмети кои се стасани до изрекување пресуди, предмети за кои се одлучува без јавна расправа и слични“,
соопштија од Владата по синоќешната седница.
Од Судскиот совет се очекува денеска да објават соопштение во оваа насока.
Адвокатската комора пред неколку дена, исто така, излезе со барање да се одложат судењата кои не се итни. Претседателот на Адвокатската комора Љубомир Михајловски и денеска апелираше да се одложат судењата што не се итни.

„На ниво на држава имаме точна евиденција, се одржуваат повеќе илјади рочишта дневно на кои се присутни голем број луѓе како судијата, поротата, записничарите, странките. Така што претставуваат потенцијални места каде што може да се рашири коронавирусот. Од друга страна, многу е важно, затоа што ние адвокатите контактираме со затворени и притворени лица, можеме лесно да пренесеме и ние вирус таму, што би претставувало катастрофа ако тоа се рашири во затворите“,
вели Михајловски.
Меѓутоа, одложувањето на рочиштата го отвора и прашањето што ќе се случи по завршувањето на кризата ако се земе предвид дека не се знае колку ќе потрае актуелната ситуација, а законски е регулирано еден судски процес да се врати на почеток ако не се одржи рочиште 90 дена. Михајловски вели за тоа треба да одлучи Врховниот суд, одлука која Адвокатската комора ќе ја почитува.
„За деталите и што сè и како ќе се одлага треба да го реши Врховниот суд. Нашето барање е тоа што го кажав. Ако Владата носи одлука да не работи бурекчилница или кафуле каде што доаѓаат околу 40 луѓе, замислете ние само вчера во Граѓанскиот суд во Скопје имавме околу 600 луѓе од 8:30 до 10:30 наутро. Тоа е цела Универзална сала да ја донесете. Затоа, потенцирам: Не бараме само поради адвокатите туку и поради странките и поради државата“,
вели Михајловски.