Светската здравствена организација (СЗО) најверојатно денеска ќе донесе одлука за воведување меѓународна вонредна состојба поради коронавирусот.
Според податоците, овој вирус е причина за смртта на 17 лица, а стотици се заразени.
Првиот човек на СЗО, Тедрос Адханом по состанокот кој вчера попладнето во Женева го имал со експерти од организацијата вели дека сериозно размислува за донесување таква одлука. Ги очекува последните сознанија и анализи за да може да го определи конечниот став.
Во меѓувреме, кинеските власти решија 11 милионскиот град Вухан да го стават во потполна изолација.
Во градот веќе не функционира јавниот превоз, автобусите, траектот и подземната железница а затворен е и тамошниот аеродром. На сите жители им е наложено да не ги напуштаат своите домови.
Низ градот се поставени термални монитори преку кои се идентификуваат лицата со зголемена телесна температура.
Генерално, во Кина се засилени мерките за безбедноост и се врши проверка на сите патници. Слични акти веќе презедоа и американските власти кои ги прегледуваат патниците од Кина.

Северна Кореја привремено ја затвори својата граница за сите странски туристии а на Филипини, Хонг Конг, Тајван и во Јужна Кореја има карантин во кој детално се вршат контроли за евенатуално постоење симптоми кај патниците кои во овие земји доаѓаат од Кина.
И Велика Британија објави дека ќе го засили надзорот на сите лица кои во државата пристигнуваат од кинеската покраина во која се наоѓа градот Вухан, а доколку има потреба, мерката ќе важи за сите летови од Кина кон Обединетото Кралствоо.
Превентивни мерки воведе и Турција, со оглед дека авио компанијата „Туркиш Ерлајнс“ има летови и до Кина, каде што се појави вирусот.
Македонските здравствени власти велат дека потреба од паника и воведување посебни мерки во земјава.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ќе достави информативни материјали до аеродромот во Скопје наменети за патниците со предупредување доколку се патува во Кина да се избегнуваат пазари каде што има живи, домашни и диви животни и да се избегнуваат блиски контакти со луѓе кои имаат респираторна инфекција.
КАКО СЕ ШИРИ „КОРОНА“?
Според претпоставките, извор на вирусот е диво животно кое било купено на пазар на морски плодови во Вухан. Тој постепено мутирал и се пренесол врз луѓето. Сега се шири од човек на човек.
Кинеските власти и натаму не објавуваат од кој вид е дивото животно преку кое е пренесена „Корона“.
Со анализа на крвта на заразените изолиран е новиот коронавирус, наречен 2019-nCoV. Според составот е сличен на САРС-от, но се смета дека не е толку опасен како него.
Не постои лек или вакцина за него, а симптоми на заразата се грозница, отежнато дишење и состојба која по се наликува на грип.
Вирусот предизвикува силно воспаление на белите дробови, кое во одредени случаи може да биде фатално.

Освен на територијата на Кина, вирусот е забележан и на подрачјето на Источна Азија а од пред два дена е откриен и во САД, кај американски државјанин кој неодамна бил во кинескиот град Вухан.
Првиот случај на зараза е потврден и во Макао, а инфекции се дијагностицирани во Јапонија и во Јужна Кореја, како и на Тајван и на Филипини.
КОРОНАВИРУСОТ ГО ЗАФАТИ И ДАВОС
Челници на компании кои присуствуваат на Светскиот економски форум во Давос а имаат свои инвестиции во Кина се загрижени од ширењето на коронавирусот.
На Самитот се дебатирало за тоа какво влијание би предизвикал вирусот не само за жителите на Кина, туку и за целиот свет доколку стане пандемичен. Многумина биле на став дека коронавирусот ќе се одрази врз светските пазари.
Дел од американските бизнисмени својата загриженост му ја пренесле и на претседателот Доналд Трамп за време на доручекот кој вчера го имаа со него.

Иако средбата била од приватен карактер, Трамп јавно ги отфрли причините за загриженост укажувајки дека САД имаат „се под контрола“. Исто така, американскиот претседател истакна дека му верува на кинескиот колега Кси Џинпинг кој му рекол дека нема потреба да се стравува.