Корлевски поднел кривична пријава за неовластено снимање и како можни сторители посочил две лица, наводни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително најави пријави за клевета и против носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, кој ја објави снимката на својот профил на Фејсбук
Советникот во Општина Битола, Борче Корлевски, кој на овие избори повторно е кандидат за советник на СДСМ, поднесе кривична пријава во полиција за снимката од населбата Баир, за која ВМРО-ДПМНЕ обвини дека тој е „уловен“ како носи црни вреќи во една од куќите, што според партијата, е доказ за изборен поткуп.
Корлевски денеска излезе на прес-конференција на истото место каде што е направена снимката и рече дека тоа била семејна куќа на сестрата на неговата сопруга. Тој вели дека лицето кое го придружува на снимката е неговата сопруга, а не, како што обвини ВМРО-ДПМНЕ, друга кандидатка за советничка во Битола од редовите на СДСМ.
„Ова почитувани битолчани е семејната куќа на сестрата на мојата сопруга на битолски Баир, каде што живеат и Македонци и Роми и Турци и Албанци. Пред оваа куќа, од каде што синоќа, по завршувањето на партиските обврски, ги носев мојата сопруга, мојот тримесечен син и мојата петгодишна ќерка кон дома, бесрамно беа снимени и клеветени по поралите на ДПМНЕ со наводни црни кеси, полни со пари за наводен поткуп. Покрај мене денес ги нема само моите малолетни деца, сопругата и нејзината сестра со нејзиното малолетно дете и црната кеса, во која, поради дождот кој обилно врнеше беа заштитени зимски намирници за исхрана и детска количка. Толку многу пари што дури и двајца ги кревавме и толку многу пари во визба ги сокривме. Срамота!”,
порача Корлевски.
Корлевски поднел кривична пријава за неовластено снимање, во која како можни сторители посочил две лица, наводни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Освен за тие што ја направиле снимката најави дека ќе поднесе пријави и против дел од интернет-порталите за клевета и ширење лажни информации, како и против носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, кој ја објави снимката на својот профил на Фејсбук.
„Целиот настан е документиран во битолската полиција и јас со чист образ излегувам пред битолската јавност со вистината. Срамно и жално е да се загуби човечкото достоинство во име на политичките цели. Да се удира по најсветото за сите нас во нашата држава,а тоа е фамилијата и децата. Но, тоа е веќе видена работа од ДПМНЕ во време на 12 годишниот режим“,
вели Корлевски.