Нема информации од која партија е кандидатот што пријавил дека бил сниман кога застанал со возило на улица „Дебарска“, во кое биле неговите сопруга и деца
СВР Битола презема мерки за расчистување на случај на неовластено снимање на кандидат за член на Советот на Општината, јави МИА.
Од секторот за односи со јавност на СВР-Битола информираат дека кандидат за советник на претстојните локални избори пријавил дека синоќа околу 20:45 часот, во моментот кога застанал со возило на улица „Дебарска“ во Битола, во кое биле неговата сопруга и деца, едно лице неовластено ги снимало, по што подоцна снимките биле дистрибуирани и прикажани на повеќе портали, социјални мрежи и телевизиски куќи.
Нема информации од која партија е кандидатот за советник што го пријавил случајот.
Денеска, ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција, објави снимка од населбата Баиро во Битола, како аргумент дека двајца кандидати на СДСМ за советници делеле црни вреќи, што упатува на можен изборен поткуп. Од СДСМ реагираа дека сите изборни циклуси од 2017 година досега биле фер и демократски, а дека изборните поткупи и уцени, како што се наведува, биле карактеристика за времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.