„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, се наведува во објавата на холандската амбасада за средбата на Јан Коп со Ахмети
Амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, имал средба со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на која станало збор за владеењето на правото во Северна Македонија, како и за случувањата поврзани со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на која ѝ се заканува разрешување од Судскиот совет.

Информацијата за средбата на Јан Коп со Ахмети е споделена од холандската амбасада на нејзиниот официјален фејсбук-профил. Она што е впечатливо се острите пораки кои холандскиот амбасадор му ги пренел на лидерот на ДУИ за овие две прашања.
Јан Коп, кој и досега не се воздржуваше од директен и остар вординг, невообичаен за дипломатијата, на Ахмети му пренел дека постојаниот пад на владеењето на правото ја доведува во прашање посветеноста на Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Холандскиот амбасадор, исто така, посочил оти е неприфатливо несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд.
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“,
се наведува во објавата на холандската амбасада за средбата на Јан Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателката на Врховниот суд на последниот работен ден од минатата година (29 декември 2023 г.) седна во Судскиот совет, но не како негов член по функција, туку како претседател на највисокиот суд во државата за кој има иницијатива за разрешување.
На јавната расправа на Комисијата на известители на Судскиот совет за утврдување одговорност на претседателката на Адеми, таа и подносителот на иницијативата, Миљзим Мустафа, ги соочија аргументите.
Иницијативата на Мустафа се темели на два момента – прво, неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември оваа година, што според иницијаторот е нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Вториот момент што го истакна тој на јавната расправа, а за кој бара утврдување одговорност, е интервјуто на претседателката на Врховен за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов.
По презентирањето на наводите од иницијативата и прашањата што и ги поставуваше на Адеми, кои на моменти доведоа до тензична атмосфера на расправата, Мустафа побара Судскиот совет да ја разреши од функцијата.
Одбраната на Беса Адеми, пак, наведувајќи ги своите аргументи, посочи на недоследности во наводите на подносителот на иницијативата и побара Судскиот совет да ја запре целата постапка, со што ќе ја врати довербата на јавноста во судството.
„Денеска и во периодот што следува, токму исходот од оваа постапка ќе ја одреди судбината на судството на Република Северна Македонија“,
рече претседателката на Врховен откако го ислуша образложението на барањето за нејзина одговорност што го презентираше Мустафа.

Комисијата на известители, како што соопшти тогаш нејзиниот претседавач, членот на Судскиот совет Мирсад Сурои, не носи препорака во врска со иницијативата, туку има рок од 15 дена да изготви извештај во кој ќе ги внесе сите материјали во врска со постапката и да го достават до членовите на Судскиот совет, по што претседателот на Советот треба да закаже седница на која ќе се одлучува дали Адеми ќе биде разрешена или не.
Овој рок истекува, а како што информираат денеска од Судскиот совет, Комисијата на известители го изработила извештајот, кој е во финална фаза.
„Во закажаниот рок од 15 дена ќе биде целосно завршен и испратен на подносителот и кон судијката на кој се однесува барањето. На некоја од наредните седници ќе се најде на дневен ред и за него ќе расправаат членовите на Советот“,
велат од Судскиот совет.

Инаку, Советот за утре има закажано седница, но, како што информираат оттаму, разрешувањето на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, не е на дневен ред.
На барање на Адеми Судскиот совет ги отвори за јавноста расправите од постапката против претседателката на Врховниот суд.
Судијката Беса Адеми безмалку три години е на чело на Врховниот суд. Таа има 12-годишен стаж во Судот, а на конкурсот за избор на претседател победи во конкуренција на Лидија Неделкова и Џемали Саити, кои иако беа поекспонирани во јавноста, имаат малку покус стаж во највисокиот суд.
При давањето на свечената заклетва во Судскиот совет, во март 2021 г., таа кажа дека ќе се посвети максимално на извршување на функцијата како и дека заедно со нејзините колеги ќе се обиде да ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем.
Во октомври годинава и беше домаќинка на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, по што Врховниот суд со соопштение од средбата порача дека судството не смее да биде под притисок на политиката.
Медиумите објавија оти „средбата била по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“. Потоа, амбасадорката Агелер во изјава за ТВ Сител кажа дека мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира.
Лично претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за порталот „Сакам да кажам“, посочи дека постојат ситуации на мешање на политиката во судството и дека нема основа за „оживување“ на аболициите на Иванов.
Прашана како изгледаат притисоците врз судството, таа рече дека секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и за таа цел да се користат дури и лажни вести.
Истражувачкиот портал „Призма“, кој го издава БИРН, минатиот месец објави дека преку идентични текстови што синхронизирано и спонзорирано се објавуваа на два релативно непознати портала – redakcija.mk и desk.mk, се води црна кампања против претседателката на Врховен суд, Беса Адеми. Истражувајќи, БИРН ги доведе веб-страниците во врска со функционерот од ДУИ и директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој се смета за близок до првиот вицепремиер Артан Груби.
Паралелно, Судски совет закажа работна средба со претседателката Адеми поради нејзините наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховен. Преку писмо испратено до јавноста, таа одговори дека нема да оди на средба поради претходно закажан настан и поради тоа што и претходно имало јавни изјави за притисоци врз судии, а Советот не презел ништо.