Владата ја суспендира одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, која ја донесе на 27 јуни и беше повод за последната серија протести и бурни реакции во јавноста
Од „Еуромакс рисорсис“ велат дека нивниот правен тим ќе ги анализира владините одлуки, па ќе оценат кои ќе бидат нивните идни чекори. Активистите, пак, бараат целосно укинување на двете концесии
Од Здружението „Здрава котлина“ го поздравуваат владиниот потег за суспендирање на одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица – Штука“. Оттаму очекуваат да се укинат двете концесии бидејќи одамна се истечени, а велат и дека концесионерот не се жалел во предвидениот рок.
„За првата концесија, ‘Еуромакс’ имаше максимален законски рок од 2012-та до 2016-та за да поднесе валидно барање со сите изрично наведени услови за добивање дозвола. Еуромакс не го направи тоа и најважно, не поднесе никакво тужбено барање тогаш доколку имала некаков проблем со документите. Напротив, првата тужба ја поднесе во 2019 откако ја изгубија првата концесија. Тоа значи дека судската стоперица за враќање на времето назад со пресудата во 2023 нема да се врати во 2016, туку во 2019 кога ја иницирала тужбата.
Толкувањето на Бектеши за некакви нови рокови за доставување нови документи е сосема произволно и незаконски затоа што ова ниту е нова концесија, ниту е законски можно, ниту е последица од судска пресуда. Едноставно е апсолутно истечена концесија и не постои никаков правен начин да се врати времето во законскиот рок пред 25 јули 2016“,
наведуваат од „Здрава котлина“ и додаваат дека државата има правни механизми да ја одземе и втората концесија оти нема поднесено барање за експлоатација.
За нив, „приказните“ за арбитражи се незериозни.
„Приказните за арбитража немаат никаква основа затоа што сите аргументи се на страна на државата, а дополнително, во позадина се извонредно отежнувачките околности поврзани со шпекулативни дејности преку Кајманските острови. Тука завршуваат сите глупости и тоа лесно се докажува. Оштетно побарување (легална пљачка) од буџетот на државата преку арбитражно спогодување нема да се случи ако Владата не сака арбитража, туку директно на суд. Буквално во сите договори со ‘Еуромакс’, решавање е предвидено единствено судска инстанца во Скопје, а со бугарските инвеститори од Кајманските острови има посебен муабет во македонските судови“,
наведуваат од „Здрава котлина“, од каде неколкупати посочуваат дека државата има адути во ракавот.

Владата вчера ја суспендираше претходната одлука за спојување на концесиите, која беше донесена на владина седница на 27 јуни и беше повод за последната серија протести и бурни реакции во јавноста.
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција, како и на брифингот во Министерството за економија пред неколку дена, рече дека спојувањето на концесиите е дозволено согласно Законот за минерални суровини, кој овозможува кога има еден инвеститор, односно фирма со концесии за соседни парцели, да побара спојување. Во конкретниот случај втората концесија за Иловица просторно ја заобиколува првата, што се гледа и на мапата што ја презентира денеска, па инвеститорот има право да бара тие да се спојат.

Според Бектеши, вчерашната владина одлука за престанок на важење на претходната одлука за спојување на концесиите значи само враќање назад на процедурите бидејќи таа не е ниту позитивна ниту негативна во однос на барањето на инвеститорот за спојување на концесиите.
Откако за двете концесии хронолошки презентираше што се случувало од 2005 година до денес и за секоја фаза ги наброја институциите кои дале мислење, при што нагласи дека сите биле позитивни, Бектеши излезе со предлог – да се донесе барем еден документ односно акт од која било институција со негативен став. Потоа, со ваков акт, Министерството за економија ќе може да предложи раскинување на договорот со инвеститорот за рудниците.
„Да се дава простор за да не се носи никаква одлука, да не постапуваат институциите, ние сме на ставот дека тоа е голем ризик за можна арбитражна постапка. Ова е нашиот став кој го кажавме и во Владата. Ние досега не поседуваме никаков акт дека е одбиено некое решение, некој елаборат, ниту имаме некое негативно мислење во последните 15 години врз основа на кое Министерството за економија ќе донесе предлог-одлука за да го раскине договорот“,
рече Мминистерот Бектеши денеска.
За да се донесе таков акт, според него, има спектар на можности. Како што рече, тој документ може да биде од Министерството за транспорт и врски, од Министерството за земјоделство, со оглед дека за инвестицијата би се сечела шума итн.
Од „Еуромакс рисорсис“ велат дека нивниот правен тим ќе ги анализира владинтие одлуки, па ќе оцени кои ќе бидат нивните идни чекори.
„Ќе почекаме сите одлуки коишто се однесуваат на спојувањето на концесиите ‘Иловица 6’ и ‘Иловица 11’ за рудникот за бакар ‘Иловица – Штука’, да бидат јавно објавени со цел заедно со нашиот правен тим да направиме увид во аргументацијата врз основа на која истите се донесени“,
велат оттаму.