Од денеска во наредните два дена, оценувачката мисија на ЕУ ќе ја проверува работата на Судскиот совет. Тимот предводен од поранешниот врховен судија од Хрватска, Бранко Хрватин веќе се сретна со членовите на ова тело, но на состанокот не беше дозволено присуство на медиумите, ниту беше соопштено што конкретно ќе ги интересира членовите на оценувачката мисија.
Според свои извори од судскиот совет, дел од медиумите пишуваат дека во сферата на интерес на „контролорите“ ќе биде неуспехот на Судскиот совет да донесе одлука за случајот со судијата Енвер Беџети и неговото неоправдано долго чување во фиока на предметот поврзан со масовното прислушување, популарно наречен, „Таргет-Тврдина“. Исто така, како што јавуваат медиумите, тие ќе бараат отчет и за начинот на кој беше разрешена доскорешната претседателка на Советот, за непроцесираните случаи за Рамиз Мерко, за влијанието на трети лица во судството, како тоа кое што САД го наведува за Орце Камчев, но и за злоупотребите во АКМИС системот, непотизмот при вработувањата во правосудните институции и случаите кои ги губела државата во спорови со физички лица кои резултирале со штети врз државниот буџет од десетици милиони евра.
Коментирајќи ја посетата на „контролорите од Брисел, експертите сметаат дека мисијата е доказ дека меѓународниот фактор е разочаран од резултатите во областа на владеење на правото и покрај долгогодишната финансиска и друга помош што тие им ја даваат на макеоднските провосудни институции.
„Небрежноста, нерешените случаи и неправдите кои се на штета на граѓаните се основа за посетата. Се случува да има предмети кои не се решаваат повеќе од 10 години. Доцнењето на предметите и одлуките доведува до тоа граѓаните да ги загубат не само националните, туку и меѓународните права и овој факт ги депримира не само граѓаните, туку и меѓународниот фактор. Пропаднаа сите алатки и помагала што му беа дадени на судскиот систем“,
е ставот на универзитетскиот професор Башким Селмани кој го пренесува ТВ Алсат.