Тасевски вели дека не биле известени ниту за тужбеното барање ниту, пак, за донесеното решение за кое дознале од медиумите. Тој вели дека биле подготвени денеска да се појават на рочиште, но дека тоа било откажано на сомнителен начин со цел да се спречи штрајкот. Како што наведе Тасевски, тужбеното барање на фирмата не било барање за изрекување времена мерка, туку барање судот да отпочне постапка за случајот
Во однос на наводите во решението од Судот дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапка за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретните барања од работен однос, Тасевски вели дека држат вода
По решението на Основниот граѓански суд Скопје донесено вчера, со кое се забрани најавениот штрајк на контролорите на летање закажан за 20 октомври и се откажа денешното рочиште, претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) Александар Тасевски денеска на прес-конференција најави жалба и рече дека со правниот тим ќе се обратат до републичкиот судски совет и ќе поднесат претставка против судијката што го водела предметот. Исто така, како што посочи Тасевски, ќе биде контактиран и претседателот на судот за да се извести за случајот и ќе бараат повторно предметот да биде вратен на рочиште со цел да им се дозволи да ја изложат својата одбрана.

Тасевски вели дека не биле известени ниту за тужбеното барање ниту, пак, за донесеното решение за кое дознале од медиумите.
„Немавме никакво известување, ниту покана ниту тужбено барање од другата страна, односно фирмата дека има постапка против нас за запирање на штрајкот. Имаше некои шпекулации кои директорите ги пуштаа по ходници, но се додека не добиеме официјално нешто не можеме да се темелиме на рекла-кажала муабети. Вчера првпат од страна на одредени медиуми ми беше доставено решението на судот преку кое станав свесен дека постои некаква пресуда за забрана на штрајк и со самото тоа почнавме да се распрашуваме. Дознавме дека постои покана за суд за рочиште кое требаше да се одржи денеска, на 17 октомври во 8:30 минути. Дојдовме и до тужбеното барање кое ни беше доставено од адвокатот на фирмата, ништо официјално, ништо од суд. Јас во меѓувреме бев на работа, но никој не ме извести дека нешто имало да се подигне од некаде, така што ние ќе побараме и камери да видиме дали тоа е запазено некаде, дали некој оставил нешто за нас и зошто не сме го добиле ние тоа“,
изјави Тасевски.
Тој вели дека биле подготвени денеска да се појават на рочиште, но дека тоа било откажано на сомнителен начин со цел да се спречи штрајкот. Како што наведе Тасевски, тужбеното барање на фирмата не било барање за изрекување времена мерка, туку барање судот да отпочне постапка за случајот.
„Со тоа што го откажаа рочиштето, воопшто не ни беше дадена можност да ја образложиме нашата одбрана и сè што е наведено невистинито во нивната тужба да го оспориме на суд. Тужбеното барање на М-НАВ воопшто не е барање за времена мерка, туку е барање за отпочнување постапка која што ќе треба да трае на рочишта и во таа постапка со изложување на докази од двете страни да се увиди дали се е испочитувано, дали имаме право на штрајк и ако нема, судот да донесе одлука дека тој штрајк не може да се спроведе како таков и дека треба да се прекине. Во решението што е доставено до судот, судот навел дека самиот цени оти барањето на тужителот го смета како барање за времена мерка што е спротивно на законот. Нашите правници денеска ги оформија одговорите и одговорот на тужбеното барање и жалбата и ќе бидат доставени“,
посочи Тасевски.

Тој дополни дека во времената мерка, како што е донесена во решението на Судот, не стои никаков рок, што значи, вели Тасевски, дека не може да биде времена мерка.
„Нема ни кога да се закаже следно рочиште. Со самото решение вика дека рочиштето закажано за денеска се откажува што се гледа дека е тенденциозно со намера да не ни се овозможи да ги изнесеме нашите аргументи“,
дециден беше Тасевски.
Тој посочи дека ќе го почитуваат решението на судот и оти ќе го известат М-НАВ дека ќе го стават штрајкот во мирување, меѓутоа нема да се откажат и ќе продолжат со некои други активности со цел да најдат начин повторно да направат сè што е потребно за да ги остварат нивните барања што се дел од спогодбата за која инсистираат дека директорите треба да ја испочитуваат.
Во однос на наводите во решението од Судот дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапка за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретните барања од работен однос, Тасевски вели дека не држат вода.
„Имаме докази дека имаме легитимитет да поведеме постапка, дека имаме овластување, не само за штрајк, туку и за останати работи кои што се однесуваат на синдикални дејности на ниво на работодавач, имаме докази дека постапката за помирување, не само што е отпочната и завршена, туку дека имаме и помирувач кој сме го барале од МТСП ургентно да ни го достават, па со доцнење од месец и половина го донесоа овластеното лице за помирувач. Без оглед на се, ние таа постапка ја имаме завршено, МТСП го констатирало тоа и како резултат на таква постапка, продолжена е дискусија понатаму со директорите, донесена и потпишана е Спогодба која што самата е на ниво на колективен договор, значи двете страни потписници се обврзуваат дека ќе мора да ја испочитуваат“,
изјави Тасевски.
Тој вели дека откако е дојдена новата менаџерска структура, во август минатата година, до кога ја доставиле последната најава за штрајк, целата спогодба е застаната, нема никакво придвижување и никаква активност во тие спогодбени точки.
„Дури директорите се обидоа да се прогласат ненадлежни во насока – ама вие тоа сте го потпишале со претходните директори ние тука не одговараме и не не засега. Не сфаќаат дека М-НАВ е една фирма. Нашата фирма има ангажирано пет адвокатски фирми, ако тие не сфаќаат, може да ги контактираат нивните пет адвокатски фирми и да разберат дека е тоа нивна законска обврска. Јас би рекол, не е тоа дека не го сфаќаат, туку едноставно сакаат да го избегнат како обврска, да не го реализираат“,
изјави претседателот на ССКЛ.

Според Тасевски, нивните барања се во рамките на Законот за работни односи, иако Судот вели спротивно.
„Сите точки го тангираат Законот за работни односи каде што се повикуваме на одредби со кои што се регулира ноќната работа, условите за работење на вработените, условите за исплата на надоместоци кои се предвидени со законот и Колективниот договор за ангажмани кои им се доделуваат на самите вработени, така што буквално нема ниедна точка која што е надвор од оние законски пропишани барања, односно, прописи во државата“,
рече Тасевски.
Едно од барањата, како што нагласи тој, е подобрување на основните услови за работа, на пример, да се реши проблемот со водата.
„Тоа е едно од барањата. Меѓу подобрувањето на условите за работа, едно од барањата беше и да се реши проблемот со вода. Се случува со денови да немаме вода и да мора вработените да одат во тоалет или во аеродромот ТАВ или да одиме во Петровец како најблиска локација по локалните кафеани за да извршиме нужда“,
изјави Тасевски кој доби поддршка и од другите членови на Синдикатот.
ССКЛ бара почитување на спогодбата потпишана по најавата за штрајк во 2023 година и состанокот во Министерството за транспорт од 12 октомври. Клучни барања на ССКЛ се ангажирање консултантска фирма којашто професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието, вработување на стручни, а не, како што тврдат, партиски кадри на конкурсите за кои бараа поништување, како и подобри услови за работа. Во меѓувреме, ССКЛ во неколку наврати за истите барања најавуваше штрајк и го ставаше во мирување, а последната таква одлука беше донесена на 3 октомври.
Најавениот штрајк на ССКЛ требаше да започне на 20 октомври 2025 година, од 10 до 15 часот требаше да бидат запрени сите полетувања и слетувања од скопскиот и охридскиот аеродром и да биде намален бројот на прелети за 50 проценти.