Кинескиот претседател Си Ѓинпинг, пак, посочи дека односот меѓу САД и Кина е најважниот билатерален однос во светот, а оти тој треба да се развие на начин што ќе им користи на двата народи. Додаде дека односите меѓу двете земји никогаш не се одвивале непречено, но изрази верување дека двете страни се способни да ги надминат нивните разлики
Претседателите на САД и Кина, Џо Бајден и Си Ѓинпинг ја започнаа средбата на имотот Филоли јужно од Сан Франциско каде што околку четири часа ќе разговараат за билатерални и глобални прашања. Нивната средба се случува на маргините на самитот на Азиско-пацифичката соработка.
Ова е прва посета на Си Ѓинпинг на САД од 2017 година.
Откако го пречека Ѓинпинг, Бајден рече дека е од суштинско значење тој и неговиот кинески колега да имаат разбирање еден со друг и додаде дека конкуренцијата меѓу САД и Кина не може да се претвори во конфликт.
„Како и секогаш, нема замена за дискусиите лице в лице. Се знаеме долго време. Не секогаш сме се согласувале, но отсекогаш сум ги сметал нашите дискусии јасни и искрени“,
рече Бајден.

Американскиот претседател рече дека лидерите имаат одговорност кон своето население да работат заедно, вклучително и на прашањата за климатските промени, борбата против трговијата со наркотици и приближувањето на вештачката интелигенција.
Претседателот на Кина, пак, воведните зборови од разговорот ги посвети на последниот пат кога двајцата лидери се сретнаа на самитот на Г-20 на Бали пред една година.
„Оттогаш се случи многу. Светот излезе од пандемијата со ковид-19, но сè уште е под нејзините влијанија“,
рече Ѓинпинг.
Меѓу другото, посочи дека односот меѓу САД и Кина е најважниот билатерален однос во светот, а оти тој треба да се развие на начин што ќе им користи на двата народи. Ѓинпинг додаде дека односите меѓу двете земји никогаш не се одвивале непречено, но изрази верување дека двете страни се способни да ги надминат нивните разлики.
„Со нетрпение очекувам да имаме длабока размена на ставови и да постигнеме разбирање“,
рече Ѓинпинг на почетокот на средбата со американскиот претседател.
На средбата Бајден-Си се очекува да бидат опфатени низа глобални прашања, меѓу кои конфликот на Израел и Хамас, руската инвазија на Украина, како и врските на Северна Кореја со Русија. Состанокот меѓу лидерите на двете земји ќе опфати и разговори за трговијата и управувањето со затегнатите односи помеѓу САД и Кина.
Белата куќа се надева дека средбата би можела да биде увертира за понатамошни разговори.