ДИК докажа дека независно од изборните резултати на кои не може да влијае и не зависат од ДИК, сепак целосно ги почитува и правилно ги применува законските процедури и дејствија во изборниот процес, рече Кондарко
Прегласувањето на седумте избирачки места во петтата и шестата изборна единица ќе се одржи на 22 мај, соопшти Државната изборна комисија по одлуките на Управниот суд. На денешната седница ДИК едногласно го донесе заклучокот за објавување на конечните резултати и распределба на пратеничките мандати по изборни едници, а ги потврди и претходно донесените решенија за прегласување во избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1470 и 1470/1 во Долнени, 1844 во Струга, 1272 во Охрид и и 2101 во Желино.

Фото: Принтскрин
Симулацијата за пратеници, како што кажа претседателот на ДИК, Александар Даштевски, се однесува само за оние што сигурно влегуваат во Собранието.
„По спроведување на постапката за прегласување во избирачките места со посебен заклучок ќе се објават конечните резултати по кандидатски листи за изборната единица за кандидатите кои дополнително ќе се стекнат со мандат за пратеник во Собранието“,
посочи Даштевски.

Во однос на одлуките на Управниот суд, членот на ДИК, Борис Кондарко кажа дека станува збор за потврда на фактот што и покрај дневната политика, инситиуциите постапуваат според своите законски надлежности и фактите кои произлегуваат од материјалните докази со кои располагаат.

Потврда со позитивна оценка дека изборите се добро организирани и спроведени од ДИК, вчера повторно добиле и лично од амабасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
„Со одлуките на Судот со кои целосно се потврдија решенијата на ДИК за поништување на гласањето се докажа дека независно од изборните резултати, ДИК постапувала законито и врз основа на увид врз целокупниот изборен материјал ,што можеше да се види пред целата јавност. И покрај сите непријатности кои сè уште ги имаме, ДИК докажа дека независно од изборните резултати на кои не може да влијае и не зависат од ДИК, сепак целосно ги почитуваме и правилно ги применуваме законските процедури и дејствија во изборниот процес. ДИК го задржа интегритетот и придонесе со свој пример за почитување на правото и правната сигурност, што е посебно значајно и е основа на демократијата како и слика за угледот на нашата држава“,
кажа Кондарко.
Управниот суд вчера ги отфрли како неосновани сите седум тужби од „Европскиот фронт“, поднесени против решенијата на Државната изборна комисија поврзани со изборите одржани на 8 мај. Од коалицијата „Вреди“ ја поздравија одлуката оценувајќи дека е во согласност со волјата на граѓаните, а од „Европскиот фронт“ претходно обвинија за изборен инженеринг кој, како што рекоа, има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор.
Мнозинството членови на Државната изборна комисија вчера преку писмена реакција до медиумите се пожалија на јавни политички притисоци и закани за кривична одговорност поради нивните одлуки по приговорите за парламентарните избори.