Граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од корона вирусот и да не подлегнуваат на панично купување прехранбени производи, порачува Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија.
Според претседателот на Здружението, Ѓорѓи Петрушев, компаниите-членки активно комуницираат меѓусебе и ги преземаат сите мерки за превенција од коронавирусот со цел безбедно производство и дистрибуција на производите и услугите, согласно насоките од Министерство за здравство.
Здружението апелира до сите компании од земјоделско-прехранбениот сектор да формираат дезобариери на влезовите за возила што превезуваат луѓе и кои дистрибуираат производи.
И премиерот Оливер Спасовски во оваа насока денеска порача дека кај граѓаните не треба да се јавува страв затоа што стоковите резерви се соодветно пополнети како што е законската обврска. Нема потреба, вели Спасовски, ниту да се преплават маркетите за купување намирници.
„Стоковите резерви се соодветно пополнети, тоа што е законска обврска, можност и апсолутно тука граѓаните не треба да имаат никаков страв. Упатувам апел дека одговорно однесување значи и дека не треба да ги преплавиме сите маркети и да бараме намирници од утре да купуваме заради тоа што нема навистина потреба од такво нешто. Едноставно, нормално, без никава паника да реагираме на соодветен начин“,
рече Спасовски.
Тој најави дека на координацијата на економските ресори во Владата ќе се разговара за економските мерки што се предвидени за делот на стопанските капацитети за евентуална помош на економијата таму каде што е потребно. Такви мерки, повтори, засега нема потреба да се пласираат заради тоа што државата сè уште е во зелена фаза и фискалните импликации не се такви за да се преземат некакви драстични мерки. Но, истакна тој, подготвени сме со конкретни мерки доколку тоа се случи, како и на кој начин да реагираме.