Комисијата за заразни болести утре ќе одржи состанок на кој ќе се анализира состојбата со ковид-19 во земјава. Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, состанокот не се одржал денеска бидејќи статистичките податоци за нови случаи со ковид за време на викендите не ја даваат реалната слика, затоа што повеќето приватни лаборатории не работат и бројките вообичаено се помали.
„Состанокот на Комисијата за заразни болести е закажан за утре заради тоа што обично бројот на случаи од резултатите од изминатиот викенд не е реален. Во текот на утрешниот ден ќе ги разгледуваме новите податоци“,
рече Филипче.
Засега, нема најави за воведување нови мерки со цел спречување на ширењето на коронавирусот.
„Сметаме дека вакви балансирани мерки, рестрикција во движење комбинирана со индивидуална одговорност, во некои градови даде резултати. Кога е широко распространет вирусот сметаме дека само вакви мерки може да дадат резултати“,
додаде Филипче.