Како што напомена директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, една од можностите е карпата да биде зацврстена на самото место со специјални техники, значи да се усидри таму каде што се наоѓа, а втората е нејзино контролирано рушење
Стручното мислење на Комисијата за брани за карпата над браната Матка е дека постои опасност од нејзино одронување, но невозможно е да се предвиди кога би се случил одронот. Затоа се препорачува изработка на проектна програма, како и техничка документација за санација на карпата, соопшти денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Ризикот од паѓањето на карпата е за браната, но и за алпинистите кои би се нашле на тоа место, рече Ангелов и им препорача на планинарите и алпинистите да го избегнуваат тој терен, а можно е да биде донесена и забрана за движење во тој дел.
„Прогнозата кога би се случил тој одрон е исто така тешка, како да се предвиди земјотрес. Оваа карпа може да остане во ваква состојба уште 100 години, но поголема е веројатноста да падне во следниот период“,
изјави директорот на ЦУК.
Како што потенцираше Ангелов, за решавање на овој проблем потребно е да се извршат анализи на стабилноста и за траекториите на одронетите блокови и напомена дека вакви анализи редовно се практикуваат од Катедрата за геотехника на Градежниот факултет, по што нагласи оти во текот на денешниот ден ќе одржи работна средба со деканот на Градежниот факултет.
„Еден од проблемите е што овој блок на карпа кој тежи околу 20 тони, лежи врз друг блок. Се поставува прашањето, дали при неговото одронување, односно лизгање, би паднал само тој или заедно со него би паднал и дел од подлогата, што може повеќекратно да ја зголеми тежината и волуменот на карпата. Затоа е потребно да се направат овие анализи, особено анализи на траекториите на откинатите парчиња блокови од карпи“,
рече Ангелов.
Како што потенцираше Ангелов, заштитата од овој проблем е можна на неколку начини, но за да биде соодветна потребно е некое оптимално техничко решение.
„Варијантата со рушење на блокот со минирање, е ризична од аспект на траекториите на блоковите и може да влијае врз објектите на самата брана. Техничкото решение е тешко да се изведе, и во принцип може да се изврши од специјализирани екипи и компании со алпинистички техники, како што се применувани за браната Света Петка како и при санација на одронот Велес – Градско“,
информира Ангелов, кој додаде дека Комисијата за брани препорачува да се направи проектна програма по која би се работело.
Како што напомена директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, една од можностите е карпата да биде зацврстена на самото место со специјални техники, значи да се усидри таму каде што се наоѓа, а втората е нејзино контролирано рушење.