Комбе со кочански таблички, во кое се превезувале поголем број мигранти, денеска предизвика тешка сообраќајка во Струмица, јави дописникот на МИА.
Во судирот се повредени тројца мигранти, од кои едниот е со потешки повреди.
„Тројца мигранти се донесени во болницата. Од нив, еден е со потешки, а двајцата со полесни повреди. Потешко повредениот се подготвува за влез во операциона сала“,
изјави за МИА директорот на струмичката болница, д-р Наќе Гогов.
Комбето наводно било управувано од возач од Кочани. Според очевидци, тоа се движело со голема брзина и удрило во три возила, на крстосницата на улиците „Младинска“ и „Браќа Минкови“ во Струмица.
По несреќата, дел од мигрантите побегнале од местото на сообраќајката.