Прашањето го дебатиравме со адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска бидејќи барем во истражната постапка, стратегијата на обвинителството е да ги гони сите 27 осомничени за исто кривично дело, во еден голем предмет во кој настаните почнуваат во 2012 година, а завршуваат со денот на пожарот – 16 март 2025 година
„Верижни пропусти“ е терминот кој го употреби државниот јавен обвинител во петокот кога објави дека е поведена истрага против 27 лица за пожарот во Кочани и тоа за дејствија кои се случиле во периодот од 2012 до кобниот 16 март 2025 година. Во истиот настап стана јасно дека, барем во фазата на истрага, сите осомничени ќе се гонат како соизвршители на исто кривично дело, за еден кривично-правен настан.
Но, што значи терминот „верижни пропусти“ во правото. За ова зборуваше адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
„Ако правилно ја разбирам или толкувам терминологијата ‘верижен пропуст’, тој може да се доведе во врска – ако едно дејствие предизвикало друго дејствие, тоа трето, и така натаму во една верига стигнало до штетната последица. Но, тие мора меѓусебно да бидат поврзани, што значи дека и првиот ќе се поврзе на крајот со последниот и тоа во теоријата на правото се вика каузалитет. За да има кривично дело, покрај место, начин и време на извршување кривично дело, со умисла или небрежност, кои ги објасни обвинителот, треба да има и каузалитет“,
рече Сузана Јошевска-Анастасовска, адвокатка.
Во одредени елементи, Јошевска смета дека тој каузалитет е проблематичен. Што мисли кога ја кажува таа оценка, објасни преку поставено прашање за градоначалникот на Кочани до 2017 година, Ратко Димитровски, иако направи ограда дека може да се зборува само врз основа на она што е јавно познато.
Сузана Јошевска-Анастасовска, адвокатка
„Можеби имаат други сознанија, не знам, но од ова што се пласира, а немаме повеќе детали, некој да одговара за нешто што во рамки на неговиот мандат, кога ги имал тие должности и одговорности, да речеме ги направил тие пропусти, но немало никаква штетна последица од неговите пропусти, да одговара за нешто десет години подоцна, тоа е тешко докажливо, не може да се поврзе“,
изјави Јошевска-Анастасовска
Во понатамошниот дел од разговорот таа направи паралела зошто е тешко да се гони за исто кривично дело при „верижен пропуст“. И дека тие за кои што е невозможно да се докаже веригата, треба да се гонат засебно за кривичните дела кои ги сториле.
Сузана Јошевска-Анастасовска, адвокатка
Јошевска: Значи, секој што на некаков начин, нели се користи терминологијата – замижал пред пропустите, или се работи за корупција, тука се спомнуваат поткупи и така натаму, секој треба да одговара во рамките на своите дејства. Има кривични дела за коишто тие можат да одговараат, но, за жал во описот на ова кривично дело – предизвикување општа опасност поврзано со тешки дела против општата безбедност бидејќи тие се двете во врска, не може да се поврзат овие пропусти со крајната штетна последица. Е сега, за да дадам пример – ако јас возам автомобил од 2012 година со кој не поминувам на регистрација, односно не поминувам на технички преглед и тој е реално неисправен, односно немам потврда дека е исправен.
Јошевска: Или некој таму замижувал пред техничкиот преглед на разните пропусти што ги има во мојот автомобил. Јас го возам од 2012 до 2024, но додека го возам, имам среќа – не предизвикувам штетна последица, не прегазувам никого, не повредувам никого.
360°: А потоа го преземам јас.
Јошевска: После го преземате вие во 2024 г. и на вас ви откажуваат кочиците и вие прегазувате пешак. Јас не можам за вашата жртва да одговарам, ниту пак тие коишто мене ме пропуштиле, бидејќи тој автомобил секоја година се регистрира, секоја година оди на технички преглед. Тие што мене ме пропуштиле може да одговараат бидејќи несовесно работеле во службата и за тоа има соодветно кривично дело. За жал, обвинителството, дали во желба да одговори на овие потреби на јавноста дека овде треба да бидат запретени високи казни зашто трагедијата е навистина голема, а кај несовесното работење служби имаме мали казни, имаме скратена постапка, не се одлучило секој во своите дејствија да одговара и со тоа да се испорача брза и ефикасна правда и да се даде порака дека навистина секој ќе одговара за своето, но ќе одговара во рамки на соодветна правната квалификација туку, конфекциски, решило да ги стави сите во едно дело и на тој начин да обезбеди притвори и големи казни, но тоа не ги задоволува потребите на правда.
Сепак, додаде Јошевска, треба да му се остави простор на обвинителството да ја заврши истрагата. Додаде и дека тоа што истрагата е почната на еден начин, не значи дека така и ќе заврши.