За две до три недели може да се очекува одлука од Врховниот суд за разрешување на сега поранешниот претседател на овој суд, Јово Вангеловски, најави неговиот наследник на функцијата в.д. претседателот Фаик Арслани.
„Со ждрепка се избрани два жалбени совети во Врховниот суд и веќе е земен во работа овој предмет. Се работи на проучување на предметот и верувам дека во скоро време ќе свикаат седница жалбените совети и ќе донесат одлука. Очекувам тоа да се случи во наредните две до три недели“, рече Арслани.
Јово Вангеловски не е единствениот кој беше разрешен од страна на Судскиот совет. Со него е разрешена и неговата колешка Рахилка Стојковска.
Разрешувањето е за несовесно вршење на функцијата, затоа што овие судии го „ослободија“ бизнисменот Сеад Кочан од притвор и му овозможија да се брани од слобода, во момент кога тој беше во бегство.
Вангеловски и Стојковска ги обжалија разрешувањата од Судскиот совет пред Врховниот суд и, конечно, на почетокот на месецов Врховен ги комплетираше жалбените совети кои треба да одлучат дали ќе ја потврдат одлуката за разрешување на Вангеловски и Стојковска или ќе им го продолжат работниот век во судот.
За двајцата судии судии ќе одлучуваат жалбени совети од девет члена. Во тие совети дури пет од членовите се нивни колеги од Врховниот суд.
Кои се членовите на жалбените совети и како се формирани тие прочитајте во анализата на „360 степени“ „Одредени колегите на Јово Вангеловски што ќе одлучуваат дали тој да биде разрешен“, објавена во понеделникот.