Поминаа безмалку 19 години откако Македонија последен пат го преброи населението. Пописот, милуваат да кажат особено политичарите, е само статистичка операција. Но, во земјава тој никогаш не може да биде само тоа.

Причината е што некои особености на граѓаните, како мајчиниот јазик и етничката припадност, се основа за добивање или губење одредени групни права на државно, но и на локално ниво, како за употреба на јазикот, симболите или правична застапеност при вработување во јавниот сектор.
Но, на претстојниот попис, во посебни категории, ќе се попише и резидентното и нерезидентното население. Низ хипотетички пример, дилемата е – ако некоја етничка заедница претставува 5% од населението во земјава, а истовремено е 15% ако се земат предвид и иселените, дали за правична застапеност на таа заедница во институциите ќе се смета 5% или 15%?

Според Законот за попис и методологијата, под резидентно население се подразбираат граѓаните кои живеат во Македонија или се во странство најмногу до една година. Нерезидентни се лицата кои имаат македонско државјанство, но се во странство подолго од една година.
Но, на која од овие две листи „мисли“ Уставот кога гарантира права врз основа на процентуалната застапеност? Доцентот по Уставно право на правниот факултет Јустинијан Први, Денис Прешова, вели дека во Уставот, на различни места, на различен начин се дефинира референтната точка.

„Во однос на правичната и соодветна застапеност, таа не е директно детерминирана од процентот на учество во вкупното население… Во однос на правото на употреба на јазикот на национално ниво како релевантно се смета учеството од 20% од граѓаните, односно вкупниот број државјани … Од друга страна, за правото на употреба на јазикот на локално ниво, како и за правото на употреба на знамињата, 20% односно 50%, се утврдуваат од граѓаните кои живеат во единицата на локалната самоуправа и тука податоците за бројот на жители во одредена општина се значајни“,
изјави Денис Прешова, доцент по Уставно право на „Јустинијан Први“, за „360 степени“.
Според Прешова, податоците од пописот можат да бидат релевантни само до одредена мера кога се зборува за процентуално гарантираните права во Уставот. Но, тие не треба да бидат пресудни за нивно уживање.
„Во суштина, меѓународните стандарди во одредувањето на правата на малцинствата, односно етничките заедници, говорат за значителна застапеност. Кај нас таа се дефинира како учество или застапеност од 20%, што не значи дека не може да биде предмет на промена и таа одлука ќе биде политичка.Идејата дека одредени права ќе бидат ускратувани во зависност од процентуалното учество е дефинитивно опасна“,
додава Прешова.
Штом Уставот и законите, кога регулираат дел од групните права, „мислат“ на сите граѓани, а не само на оние кои се во земјата, тогаш логичниот заклучок е дека со пописот треба да се пребројат сите државјани, а не само жителите. Но, од државниот Завод за статистика велат дека немаат илузии дека ќе можат да ги попишат сите државјани.

„Ние би сакале да ги опфатиме сите, но не гаиме илузии дека ќе успее бидејќи добар дел, поприличен дел од населението се иселени, се времено и трајно отсутни од државата а се државјани, меѓутоа не ја знаеме оваа бројка. Колку ќе опфатиме од нив, не знаеме. Ќе се трудиме, ќе се обидеме да опфатиме што е можно повеќе“,
вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.
Директорот Симовски, со право, додава дека не е на Заводот за статистика да коментира која бројка ќе биде земена како референтна кога се во прашање групните права.
Зошто тогаш се прави попис на кој има графа за етничка припадност и мајчин јазик, наместо за тој дел само да се пребројат државјаните? Одговорот е – бидејќи во државјанството не се впишува информација за мајчин јазик или за етничка припадност.
Токму за да мотивира што повеќе државјани да се попишат сами, вели Симовски, ја дал и изјавата дека етничката припадност и мајчиниот јазик на пописот ќе можат да се декларираат само лично, а не и во име на друг член на семејството.
„Да, имавме некои несогласувања, веројатно и погрешни изјави, пред се, од моја страна. Жал ми е и се извинувам што ја доведов јавноста во некоја заблуда. Законот пишува многу добро, членот 8 тоа го дефинира, не специфицира кој, така да мора да го почитуваме законот во тој дел.
– Со оглед на тоа дека конечните бројки од пописот сепак ќе влијаат на политиката, во смисла на уставните категории и очекувањата на политичките партии – која е вашата генерална порака пред се до граѓаните?
Имам една и единствена порака. Земете учество во пописот бидејќи овој попис е за граѓаните. Податоците се во интерес на граѓаните на оваа држава и на никој друг“,
вели Симовски
Бидејќи не е работа на Заводот за статистика да ги толкува Уставот и законите, прашањето кое население ќе биде референтно во однос на колективните права го поставивме и на власта.
Во Министерството за правда немаат дилеми. Првиот човек на тој ресор, кадар на СДСМ, Бојан Маричиќ, вели референтно население се сите државјани.

„Во Уставот се вели граѓаните коишто зборуваат најмалку 20% јазик различен од македонскиот ги уживаат овие права и може да ги користат овие права кои ги спомнавте. Кога се вели граѓаните, тоа секако се мисли на државјаните.“
– Како практично, иако хипотетичко прашање, доколку одредена јазична или етничка група во земјава е присутна меѓу резидентното население како 5%, а меѓу вкупното население е 15%, тогаш кој процент ќе биде земен како репер за правична застапеност при државните вработувања?
Мислам дека го одговорив тоа прашање, значи секогаш се цени вкупниот број на државјаните.
– Значи ќе биде 15% иако е само 5% присутно?
Секако. Затоа што нашиот Устав укажува дека ги дава правата на граѓаните, а тоа се сите државјани. Не може да читаме поинаку бидејќи се друго би било проблематично“,
вели Бојан Маричиќ, министер за правда.
Маричиќ додава дека по ист модел се искористени податоците од пописот во 2002 година. Фактот што пописот не може да ги попише сите државјани, за Маричиќ треба да биде поттик да се попишат сите – и овде и од странство.
„Мислам дека е фер сите да се попишат и затоа е формулирано како законска обврска а не како желба или определба кој сака да се попише. Затоа се прави и ќе се прави интензивна кампања. Ќе има можност дијаспората, нашите луѓе кои се иселени во странство, ќе имаат можност од еден месец, во текот на месец март, да се регистрираат самите… Како што вадат документи низ амбасадите, бараат изводи, бараат документи и ги врзуваат со Република Северна Македонија, убеден сум дека ќе го согледаат интересот како државјани на нашата земја да се попишат и да учествуваат во него“,
вели Маричиќ.
Истите прашања што ги упативме до министерот Маричиќ, ги упативме и до првиот човек на Министерството за политички систем и кадар на ДУИ, Артан Груби. Од него не добивме одговор.
Каков и да е одговорот, тоа не би го сменило заклучокот дека претстојниот попис не е за пребројување само на населението во земјата, туку и надвор од неа.

Така, од дијаспората ќе зависи конечната лингвистичко-етничка карта на земјата. Параметрите од-до се наѕираат од актуелните бројки на Заводот за статистика кои се однесуваат на Македонија.
Од вкупно 20 446 починати во 2019 година, 74,4% се Македонци, 16,8% Албанци, а 8,8% се од другите етнички заедници, што грубо го претставува соодносот меѓу етничките заедници кај повозрасната популација.

Истата година во земјава се родиле 19 841 дете чија мајка во 50,6% од случаите била Македонка, во 35,5% била Албанка, а во 13,9% од случаите била припадничка на друга етничка заедница. Овие бројки се слика за соодносот меѓу најмладата популација.
