Ова е прашањето кое утринава, ден по усвојувањето на овие измени во Собранието, доминира во политичките соопштенија, главно од партиите од опозицискиот блок
Од ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници вчера остро ги критикуваа сега веќе усвоените измени на Кривичниот законик, обвинија оти владејачките СДСМ и ДУИ гласале за амнестија на своите криминали, а пратениците од Левица ги нарекоа фолиранти бидејќи не гласале „против“. Од Левица, пак, обвинија за широка коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ
Кој „потајно“ ги поддржува, а кој е против измените на Кривичниот законик кои предвидуваат намалување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување.
Ова е прашањето кое утринава, ден по усвојувањето на овие измени во Собранието, доминира во политичките соопштенија, главно од партиите од опозицискиот блок. По двата дена комисиска расправа, измените на Крвичниот законик беа усвоени вчера попладне со 48 гласа „за“, 36 „против“ и еден „воздржан“. Иако усвоени вчера, на веб-страницата на Законодавниот ден сè уште не е објавен листингот од гласањето за измените.
ВМРО-ДПМНЕ: Власта гласаше за амнестија на своите криминали, Левица не беше против
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници вчера остро ги критикуваа сега веќе усвоените измени на Кривичниот законик, денеска преку писмено соопштение обвинија оти владејачките СДСМ и ДУИ гласале за амнестија на своите криминали, а пратениците од Левица ги нарекоа фолиранти бидејќи, како што велат, не гласале „против“.
„СДС и ДУИ се спремаат за опозиција, знаат дека нема да ги имаат судовите повеќе под нивна контрола и ќе треба да одговараат за криминалот кој го прават, па затоа ги намалуваат казните. Левица е лицемерна како и секогаш, наместо да се бори против и да гласа против амнестијата на криминалците од СДС и ДУИ тие им помагаат. Левица е параван за политиките на СДС и ДУИ. Левица е за амнестија на криминалците од власта“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.
Оттаму додаваат оти премиерот Ковачевски ќе остане запаметен како лидер на најнеспособната власт, а претседателот на Левица, Димитар Апасиев, како човек кој преку Шарената револуција и СЈО помогнал да се востоличи власта на СДСМ и ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ напарави кворум за амнестија на криминалот заедно со СДСМ и ДУИ – реагираат од Левица
Парламентарната опозициска партија Левица, пак, обвини за широка коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ велејќи дека со европско знаменце ги амнестирала криминалите на своите функционери.
„Скандалозно и бесрамно, како од моделите на најмрачните режими, се изгласаа контроверзните измени во Кривичниот законик со кои политичката елита од големите партии се амнестираше од криминалот! Блокот на партии од елитата ДПМНЕ-СДС-ДУИ, како и пред наметнатите уставни измени од т.н. Преспански договор, повторно го менува Кривичниот законик како политички договор кој највеќе ѝ одговара на оваа широка коалиција – првично, за заштита на корумпираните партиски раководства, а потоа и за повторен обид за наметнување на уставните измени за бугаризација на Република Македонија“,
гласи дел од соопштението на Левица.
Од партијата додаваат дека само пратениците на Левица одбиле да земат учество во озаконувањето на, како што велат, високата корупција.
Демократско движење: Измените во КЗ ја отвораат вратата за враќање на Груевски
Со реакција за измените на Кривичниот законик денеска се огласи и албанската опозициска партија Деморкатско движење, чиј лидер Изет Меџити до неодамна беше дел од владејачкото мнозинство во парламентот како пратеник од редовите на ДУИ. Од партијата на Меџити обвинија дека основната причина поради која власта ги носи измените во Кривичниот законик е за во земјава да се врати експремиерот Никола Груевски.
Во писменото соопштение кое го испратија до медиумите, од Демократско движење прават минианализа за тоа како усвоените измени во КЗ ќе влијаат на судските случаи во кои е обвинет Груевски.
„Случај ‘ТНТ’ – член 353 – Злоупотреба на службената положба и овластување. Груевски со првостепена пресуда е осуден на 9 години затвор, додека предвидена е измена на цел член 353. Па така, во ставот 1 е предвидено дообјаснување на делото, тргнато е ‘искористување на службената положба и овластување’ и дополнето е со ‘повреда на правата на друг’. Во ставот 2 предвидено е незаконско зголемување на имотот на службено лице како резултат на сторување на делото и казна затвор од 1 до 5 години. Став 3 – ‘се намалува казната за стекнување поголема имотна корист или штета од 6 месеци до 5 години’, сега се предвидува ‘казна затвор од 1 до 4 години’. Став 4 – “за стекнување значителна имотна корист/штета се намалува казната затвор од најмалку 3 години’, сега се предвидува ‘од 1 до 5 години затвор’ и Став 5 – предвидуваше затвор од најмалку 5 години за злоупотреба на службена положба при вршење на јавни набавки или на штета на Буџетот на РСМ, со измените овој став целосно се брише“,
велат од Демократско движење во соопштението испратено до медиумите.
„Другиот предмет е ‘Титаник’ – член 394 – Злосторничко здружување; Член 165-а- Злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања; Член 159 – Повреда на избирачкото право. Овде ќе има измени во член 394 од Кривичниот законик во ставовите 1 и 2, со што се намалуваат предвидените казни: 1) Тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор од 1 до 10 години. Додека со новите измени казната ќе биде од 1 до 3 години. Став 2 – Припадникот на групата или бандата ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години. Со измената казната е до 2 години“,
додаваат од партијата.
Владата пред три дена до Собранието поднесе предлог за измени на Кривичниот законик, со европско знаменце. Тоа значи дека, според Владата, измените се однесуваат на усогласување со европското законодавство, а дополнително бараше измените да се усвојат и по скратена постапка.
Меѓу предложените измени, кои од вчера веќе се усвоени во Собранието, е предлогот за намалување на казните во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, а кој најчесто се употребуваше за гонење службени лица и функционери. Намалување на казните има и за делото „злосторничко здружување“ од членот 394. Тие повлекуваат и порано застарување на дел од кривичните дела.